Рускиот министер за вонредни ситуации Евгениј Зиничев во октомври ќе ја посети Србија, објави руската радио-телевизиска станица Спутник. Зиничев важи за човек од доверба и е близок со Владимир Путин, а неговата посета би можела да биде некаков вид претходница доколку рускиот претседател одлучи да дојде во Белград, пренесе РТС.
Рускиот министер ќе биде пречекан од министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, а ќе го посети и Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш, во кој руски експерти ги обучуваат спасителите и пожарникарите од Србија и регионот.
Судејќи по неговата биографија и со именувањето на Зиничев во мај годинава било јасно дека постојат сериозни планови за развој на единицата во Ниш, но и за техничката опременост на Министерството за внатрешни работи, кое често се потпира на услугите од Министерството за одбрана на Србија.
Зиничев е долгогодишен припадник на руската војска, а служел во Северната флота на воената морнарица во Русија. Во советската служба за безбедност КГБ преминува во 1987 година, а по големите политички промени во земјата, кариерата ја продолжува во Федералната служба за безбедност. Тој ја извршуваше функцијата заменик-раководител на ФСБ во борбата против тероризмот.
Од 2006 до 2015 година, Зиничев бил во личното обезбедување на Владимир Путин и бил во првиот прстен на луѓето што се грижат за безбедноста на претседателот.
Во политичкиот живот на Русија, Зиничев преминал по предлог од премиерот Димитриј Медведев, пред две години кога ја извршувал функцијата на привремен губернатор на Калининградската област. Тој е и член на Советот на безбедност на Руската Федерација, објави Спутник.
Во руската јавност е запаметен според најкраткото обраќање пред новинарите. По поставувањето на местото на губернатор, тој одржал конференција што траела само 49 секунди. Во својата кратка изјава рекол дека негови приоритети се инвестициите и стабилизирањето на социјалниот и економскиот статус на населението од овој регион.