Српската страна на преговорите во Белата куќа тврди дека се врши притисок врз претседателот Александар Вучиќ да потпише документ, со кој би ја признал независноста на косово. Како што пренесуваат српските медиуми, на маса се наоѓа економски план вреден неколку милијарди евра.
Специјалниот советник на американскиот претседател Ричард Гренел на Твитер негираше дека се вршел притисок врз српскиот претседател.
Претходно беше кажано дека на маса е ставен документ за меѓусебно признавање на Србија и Косово. Српскиот министер за финансии, Синиша Мали изјави дека разговорите се исклучително тешки и напорни, бидејќи како што нагласи, сите вршат притисок врз Србија.
– Ова е најлошиот документ што сме го добиле од почетокот на преговорите со Приштина до сега. На масата имаше 16 точки, од кои десеттата подразбира меѓусебно признавање. Има и економски теми и оние кои се однесуваат на инфраструктурата, автопат, железница, помош за малите и средни компании за да се подигне економијата во целиот регион. Огромен притисок – изјави Мали.
Вучиќ пред почетокот на разговорите од Вашингтон порача дека преговорите ќе бидат многу напорни за Србија, но дека предавањето не е опција.