Шефот на кипарската полиција денеска изјави дека Кипар се соочува со „невидено” злосторство, по откривањето на труповите на две жени, за кои се верува дека се Филипинки.
– Полицијата и кипарското општество се соочуваат со еден вид невиден криминал на Кипар, изјави шефот на полицијата Захаријас Хризостому.
Полицијата во езеро близу Никозија трага и по исчезнато шестгодишно девојче.
Триесетипетгодишен офицер на кипарската Армија е приведен под сомнеж за убиство на сите три жртви.
Локалните медиуми случајот веќе го нарекоа „први сериски убиства на Кипар”.
Првата убиена жена била пронајдена на 14 април и е идентификувана како 38-годишната Мери Роуз Тибурсио од Филипини.
Таа и нејзината ќерка беа прогласени за исчезнати во мај 2018 година.
За време на претресот на рудникот Мицеро, во близина на Никозија, била откриена и втората убиена жена. Нејзиното тело било врзано и завиткано на ист начин како и првата жртва.
Инспекторите соопштија дека осомничениот го признал и нејзиното убиство, а станува збор за 28-годишна жена, најверојатно од Филипини.
Случајот стана познат откако германски турист, снимајќи го рудникот, забележал тело на површината на 150 метри длабока шахта, преплавена по невообичаено силните дождови.
Се претпоставува дека осомничениот се сретнал со Филипинките преку социјалната мрежа за запознавање „Баду“.