Еврокомесарот за економски и финансиски работи Пјер Московиси најави дека првата надзорна мисија на Грција, по завршувањето на програмата за економска помош, ќе се одржи од 10 септември.
Според еврокомесарот Московиси, како и сите земји што биле предмет на економски програми на помош претходно, Грција ќе остане под надзор на Европската Унија за реформите, со таа разлика што ќе станува збор за „засилена“ надзорна мисија, со оглед на големината на грчката економска криза.
– Принципот е дека ќе провериме дали заложбите се почитуваат, но нема да има нови мерки, ќе ја мониторираме имплементацијата на мерките што се веќе одлучени – прецизира еврокомесарот.
Московиси ги отфрли критиките дека мерките за штедење се причина за економската криза во Грција, каде што невработеноста останува многу голема, а народот е посиромашен отколку пред кризата. Еврокомесарот потсети дека „кризата ги предизвика мерките за штедење, а не обратно“.
– Ни требаше подобра администрација, подобар даночен систем, социјален и економски систем адаптирани на еврозоната. Да не заборавиме дека имавме вештачка администрација, дека економските структури не беа силни, моравме тоа да го модернизираме и структурите се во подобра форма сега. Знаеме дека личните состојби сѐ уште не се подобрени, но модернизацијата на економските структури ќе овозможи да се создадат работни места – порача Московиси.
Реформите спроведени последните осум години под надзор на ЕУ и на меѓународните институции имаа за цел да создадат услови за враќање на економскиот пораст во земјата, услови за создавање работни места, но и за етаблирање професионална и ефикасна јавна администрација и на здрави јавни финансии.
И покрај излезот од програмите за помош, Грција останува земја со највисока стапка на невработеност и со највисока стапка на јавен долг.