Србија и Хрватска си умислуваат дека се во „трка во вооружување“?!
Набавката на француските авиони од типот „рафал“ за потребите на хрватската војска го подгреа ривалството меѓу Хрватска и Србија за преземање на водството во вооружувањето меѓу земјите од поранешна Југославија. Во изминатите две-три години двете соседни земји вложуваа значителни средства за набавка на нови борбени авиони и друга воена опрема, со цел да ја подобрат својата одбранбена способност. Тивката трка во вооружувањето се гледа и низ листата што ја објавува „Глобал фајерпауер“, на која се анализираат повеќе фактори од техничката опременост до финансиските издатоци, а на која двете земји бележат напредок. Србија во 2019 година се наоѓала на 79-то место, а годинава е на 60-то, додека Хрватска од 72-то напредувала на 62-то место. Според статистиката на Стокхолмскиот мировен институт СИПРИ, Хрватска го достигна годишниот воен буџет од 1,35 милијарда долари или 1,8 отсто од БДП, а Србија годишно за воените потреби одвојува околу 1,1 милијарда долари или 2,1 отсто од БДП.
Поголемиот дел од воените издатоци во Хрватска се однесува на пензиите на воените ветерани, додека во Србија е уште понеповолна структурата на воените буџети. Се проценува дека половината од воениот буџет е наменет за плати на воените лица и за исплата на издатоците за поранешните припадници на ЈНА. Приказната за трката во вооружување меѓу Србија и Хрватска нема основа, затоа што геополитичките услови на Балканот се видно изменети, од времето кога се распаѓаше поранешната југословенска заедница, пишува во анализата на „Дојче веле“.
Воените аналитичари посочуваат дека хрватската војска набавува половни француски авиони од типот „рафал“, кои припаѓаат на постарите генерации воени летала, кои во воена смисла се немоќни пред најновите модели што ги поседуваат воените сили. За половните авиони се потребни и високи трошоци на одржување, обука на пилотите, што претставува и значително високи трошоци и за помоќните армии во светот. Во слична состојба е и Србија, која доби на подарок шест руски „мигови“, но овој трансфер од Москва беше условен со тоа што Србија треба да го плати ремонтот на леталата.
Покрај овие факти, не изостанаа пораките од Белград за „воената надмоќност во регионот“. Околу хрватското купување на француските борбени авиони „рафал“, Вучиќ истакна дека Србија ја јакне војската за никој да не може да ја понижува како во „деведесеттите и двеилјадитите години“.
– А овие што мислат дека се најсилни и многу јаки, тие уште не знаат, уште не сме ги информирале дека наскоро нешто стигнува во Србија, а ќе стигне многу пред тоа што тие го купиле и со што се фалат – изјави Вучиќ.
Тезата дека Србија и Хрватска ја предводат трката во вооружување на Западен Балкан е погрешен наратив, затоа што стратегиското опкружување го прави неверојатно нова меѓудржавна војна, пишува во анализата на Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП).
– Меѓутоа, двете земји ја користат набавката на оружје како лост за влијание во нивната надворешна политика и како инструмент за внатрешна промоција за нивните владејачки елити. Враќањето на непријателството не е веројатно, но постои политичка закана дека атмосферата на недоверба ќе биде зацементирана во регионот – пишува во анализата на Вук Вуксановиќ и Марија Игњатовиќ, истражувачи во БЦБП.
Набавката на 12 користени авиони, за што ќе бидат потрошени 1,2 милијарда евра, е најголема воена набавка по распадот на Југославија. Всушност, станува збор за обнова на воените потенцијали на двете земји, во услови кога военото сценарио во регионот не е реално. Но модернизацијата на двете армии се одвива во услови кога е засилена политичката недоверба во регионот, заклучуваат од БЦБП.