Пред изрекувањето на пресудите за обидот за државен удар, тензиите во Црна Гора беа подигнати на високо ниво поради најавите за апсење на двајцата опозициски лидери
Процесот на векот за разоткривање на обидот за државен удар во Црна Гора го доби својот епилог, но судските пресуди за обвинетите лица предизвикаа нов заплет на домашната политичка сцена. Четиринаесеттемина обвинети, меѓу нив се наоѓаат и лидери на водечкиот опозициски Демократски фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, добија вкупна затворска казна од 70 години, бидејќи на денот на парламентарните избори во Црна Гора во октомври 2016 година планирале насилна смена на власта и апсење или убиство на претседателот Мило Ѓукановиќ.
Мандиќ и Кнежевиќ добија по пет години затвор, а најголеми казни од 15 односно од 12 години се досудени за Русите Едуард Шишнаков и Владимир Попов, за кои Обвинителството на ЦГ тврди дека се руски шпиони што го организирале и обидот за државен удар, за да се спречи земјата да влезе во НАТО. Меѓу осудените се и деветмина српски државјани, а еден од нив е поранешниот генерал на српската жандармерија Братислав Дикиќ, кој е осуден на осум години затвор.
Пред изрекувањето на пресудите, тензиите во Црна Гора беа подигнати на високо ниво поради најавите за апсење на двајцата опозициски лидери, но тие по објавување на пресудите остануваат на слобода до донесувањето на правосилната пресуда, по истекот на роковите за жалба, пишува „Дојче веле“.
Новинарот на дневниот весник „Вијести“, Самир Кајошевиќ, вели дека малкумина очекувале толку високи казни, особено поради тоа што се создал впечаток дека судот нема конкретни докази за директна вмешаност на опозициските лидери. Тој очекува казните да им бидат намалени по жалбите до Апелацискиот суд.
За правникот и политички аналитичар, Сергеј Секуловиќ, целиот случај за државен удар е контрадикторен.
– Случајот се движеше од класичен кривичноправен предмет со многу информации, докази и полудокази, кои повеќе се сметаат во областа на разузнавачката работа. Казните се во класичните законски рамки, со високи затворски казни за лидерите на опозицијата. Ваквата првостепена пресуда сигурно дополнително ќе ја продлабочи недовербата меѓу партиите и во самото црногорско општество во пресрет на следните избори. Врските меѓу власта и опозицијата сега изгледаат многу послаби – вели Секуловиќ за „Дојче веле“.
Владата на Црна Гора преку Твитер објави дека пресудата е доказ за владеењето на правото, кое е темел на црногорската независност и државност, која никој не ќе може да ја разниша. Како што посочува Кајошевиќ, власта ќе продолжи со истата стратегија, односно ќе продолжи да го користи демократскиот фронт во приказната за загрозување на државата и да ги прикажува претставниците на опозицијата како странски платеници.
– Во состојба кога со судската пресуда најголемиот опозициски сојуз се поврзува со тероризам, власта има идеална можност пред меѓународните партнери да се претставува како фактор на стабилност и со тоа да го стави во втор план спроведувањето на реформите што се бараат од нив – појаснува Кајошевиќ за „Дојче веле“.
Пресудата за обвинетите за државен удар веднаш ја поздравија САД и Велика Британија, кои оценија дека тоа е историски ден за владеењето на правото во Црна Гора, но и дека пресудата е уште еден доказ за безобразните обиди на Русија да се меша во работите на другите држави и да ги поткопа црногорската демократија и нејзиниот пат во НАТО.
Соговорниците на „Дојче веле“ веруваат дека Демократскиот фронт ќе ја радикализира активноста доколку дојде до апсење на нивните лидери. Тоа се случи и во претходни обиди за апсења на нивни пратеници.