По девет месеци е постигнат е договор во рок од 30 дена да се формира Совет на министри на Босна и Херцеговина. На средба во Сараево, лидерите на политичките партии постигнаа договор за формирање Совет на министри и потпишаа принципи за формирање власт на ниво на држава.
Според српскиот член на Претседателството на земјата Милорад Додик, со ваквата одлука ќе се деблокира Претставничкиот дом и Домот на народи и ќе се создадат услови за работа на заедничките институции на ниво на БиХ. Тој посочи дека дал целосна поддршка на договорот, бидејќи не било лесно да се преговара.
Договорот содржи 12 принципи, меѓу кои рамка за понатамошна соработка со НАТО, деблокирање на работата на Парламентарното собрание на БиХ и формирање нов состав на Советот на министри во следните 30 дена. БиХ ќе треба да го продолжи патот кон НАТО, без прејудицирање на идните одлуки во врска со членството. Ќе продолжи соработката и продлабочувањето на односите со Алијансата со почитување на Уставот и претходните одлуки на Претседателството и Советот на министри. Во случај на неименување на Совет на министри во следните 30 дена, овој договор е ништовен.
Европската унија го поздрави договорот за формирање Совет на министри на Босна и Херцеговина и смета дека договорот меѓу политичките лидери во БиХ е од клучна важност за напредокот на земјата во процесот на интеграција во Унијата.
Портпаролката на ЕУ истакна дека договорот е постигнат со посредство на специјалниот претставник на Унијата во БиХ Ларс-Гунар Вигемарк, што е важен чекор напред пред сè за земјата и нејзините граѓани.
Во изјавата се посочува дека политичките партиии цврсто се определиле да воспостават функционална власт и да продолжат со спроведување на неопходните законодавни и социоекономски реформи и за конкретни чекори во клучната област на борба против корупција и организиран криминал.