Отворањето на поглавјето 17, кое се однесува на економската и монетарната унија, може да го отвори прашањето за употребата на еврото како платежно средство во Црна Гора. Сепак, Никола Фабрис, вицегувернерот во Централната банка на ЦГ и член на црногорскиот преговарачки тим, верува дека користењето на еврото нема да предизвика дополнителна расправа.
– Немаме такво барање и следуваат преговори да се задржи еврото како официјално платежно средство – изјави Фабрис.
Европската комисија во сите извештаи нагласува дека ЦГ еднострано го вовела еврото во 2002 година, со премолчена согласност на официјален Брисел. Според правилата на Европа, за да може една држава да го користи еврото како своја валута мора да биде членка на Европската Унија и да ги почитува критериумите од договорот во Мастрихт, што подразбира одржување буџетски дефицит на ниво од три отсто од БДП и јавниот долг да биде на ниво од 60 отсто. Овие критериуми не се почитуваат од актуелната црногорска влада, пишува „Вечерње новости“.
Експертот во бриселскиот аналитички институт за економија и политика Мајк Емерсон вели дека ЕУ во текот на преговарачкиот процес ќе го отвори прашањето за употребата на еврото во Црна Гора. Преземањето на оваа парична единица беше направено во вонредни околности, прво со унилатерално преземање на германската марка, а потоа и со еврото. Од ЕУ повеќепати посочуваат дека унилатералното прифаќање на еврото не е компатибилно со правните текови на Унијата.
– Пораката на комесарот на ЕУ за проширување и сосетската политика Јоханес Хан претходно најави дека Црна Гора може да го користи еврото под услов да не се загрозат нејзината стабилност и конкурентност – соопшти Фабрис.
Во случај Црна Гора да го напушти еврото како платежно средство, би се јавила опасност од скок на инфлацијата и влошување на фискалните дисбаланси. Би се јавила сивата економија и ќе се намалат странските директни инвестиции, што ќе резултира со економска рецесија, проценуваат аналитичарите.
Црна Гора до 1906 година немала своја монета. Перпер била официјална валута на кнежевството и кралството на Црна Гора. Пред тоа се користеле повеќе странски валути во платниот промет.