Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина нема да се одржи пописот на населението во 2021 година, кога го прават тоа и државите-членки на Европската Унија и земјите од регионот. За да се одржи пописот во БиХ, потребно е да се усогласи Законот за спроведување на оваа статистичка операција, односно да се прифати методологијата со која ќе се избегнат истите проблеми од пописот од 2013 година. Резултатите од овој попис беа објавени три години подоцна, а Народното собрание на Република Српска не ги призна резултатите и поднесе забелешки за бројот на лицата што не живеат во БиХ, но кои беа во земјата за време на пописот. Заводот за статистика на РС заклучи дека во овој ентитет живеат околу 50.000 лица помалку од тоа што е преброено на пописот од 2013 година. Евростат тогаш ги призна резултатите од пописот во БиХ.
Последниот попис во БиХ, кој беше и прв по постигнувањето на Договорот во Дејтон, беше направен со задоцнување од две години во споредба со Европската Унија.
Социологот Амер Осмиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Сараево, во разговор за Радио Слободна Европа вели дека со одложувањето на пописот се губи можноста за директна компарација со другите земји, кога станува збор за податоците поврзани со демографската статистика.
– Би било добро во 2021 г. да имаме попис. Ќе имаме јасна слика за бројот на населението во БиХ, за структурата по општини, во ентитетите и во федерацијата. Ова ќе биде добра основа за планирање и за поставување економски, социјални, здравствени и образовни политики – вели демографот Александар Чавиќ за РСЕ.