Повеќе од милион објекти во Србија не би издржале земјотрес со јачина од 6 степени по Рихтеровата скала, предупредуваат експертите.
Една од најважните мерки за заштита од земјотреси е изградбата на објекти што се сеизмички заштитени како и јакнење на институциите кои ќе ги сносат ризиците и последиците од евентуален земјотрес. Но во Градежната комора на Србија истакнуваат дека во земјата има најмалку еден милион објекти кои се градени на диво или се многу стари и дотрајани, па не се заштитени од потенцијалните потреси.
Горан Родиќ од Градежната комора на Србија наведува дека голем број објекти во земјата се градени со материјали со сомнителен квалитет.
– По земјотресот во Скопје во 1963 година почнавме да градиме згради што можат да издржат земјотрес со јачина од седум степени по Рихтер така што имаме доста безбедни објекти. Наш проблем се нелегалните и старите градби што во Србија ги има околу еден милион што не се сеизмички заштитени зашто не се градени по соодветни стандарди, а материјалите за градба често се набавувани на црно. Тие згради и куќи би можеле да настрадаат во случај на земјотрес посилен од шест степени по Рихтер, но загрозени би биле и околните градби зашто овие небезбедните можат да се срушат врз нив – објаснува Родиќ.