Загреб – Од водите на Јадранско Море, каде што се урна воен хеликоптер во близината на хрватскиот остров Зларин, се извадени две лица, но во каква состојба не се соопштува, пренесуваат медиумите. До падот на хеликоптерот, кој изведувал тренажен лет дошло половина час по полетувањето.
Хеликоптерите од типот „кијова ОХ-58Д“ од неодамна се наоѓаат во составот на хрватската војска, која ги доби на подарок од САД. Во донацијата во 2015 година, наведуваат медиумите, пристигнаа 16 такви летала што САД ги прогласија за воен вишок.

Љубљана – Словенечкиот премиер Марјан Шарец вчера поднесе оставка на позицијата. Тој ја пратил оставката до парламентот и побарал да се распишат предвремените парламентарни избори, наведувајќи дека сегашната малцинска влада не може да ги протурка потребните важни закони. Непосредно пред неговото соопштение, словенечката агенција СТА јави дека оставка поднел министерот за финансии Андреј Бертонцељ. („Ројтерс“)

Тирана – Македонската партија за европска интеграција МАЕИ, ја доби првата поддршка од албанска партија за загарантирани пратенички места за малцинствата во албанскиот парламент. Првата поддршка доаѓа од партијата Ново движење, чиј лидер е Ариан Галдини, во чија организација се одржа трибина на темата „Изборната реформа и нашите ставови и предлози“, на која учествуваше и пратеникот од редовите на МАЕИ, Васил Стерјовски. („Нетпрес“)


Бисер балкански

Најдобра кампања

– Во овој момент, ако ме прашате, од сите политички партии што се опозициски настроени и не се согласуваат со владејачката коалиција пред изборите, најдобрата кампања ја води Н1 телевизија. За мене, ТВ Н1 навистина во оваа кампања стана политичка партија, која има доста добар агол од каде да ја пласира својата кампања – изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.
Во Србија, полемиката за судирот на „Телеком Србија“ и „Јунајтед медиа“, за (не)продолжувањето на договорот за емитирање, прерасна во политичко прашање, а во неа се вклучи и американскиот амбасадор во Србија, Ентони Годфри, кој во телевизиското соочување на ТВ Пинк праша: „Зарем не би било подобро ако Н1 ја емитува својата програма на што поголем број гледачи?“.