Софија – Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека Бугарија, веројатно, ќе протера двајца руски дипломати поради обвиненија за шпионирање. Обвинителите објавија дека Русите се вклучени во шпионажа, но не можат да бидат судени поради дипломатски имунитет.
– Добивме писма со обвиненија од обвинителите. Ќе преземеме активности што сме должни да ги преземеме и, веројатно, ќе ги прогласиме за персона нон грата – изјави Захариева. („Дневник“)

Атина – Грчки анархисти ја презедоа одговорноста за запалените возила и банкомати во Атина. Тие ја преземаат одговорноста за пет напади во понеделникот и во вторникот, во кои беа запалени автомобили пред претставништвото на „Мерцедес“, четири автомобили на компанијата за телекомуникации ОТЕ и еден камион на Министерството за животна средина на Грција. (МИА)

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не се согласува со ставот на САД да се изедначува кампањата за повлекување на признавањето на независноста со укинувањето на косовските царини за српските производи.
– Имаме државен став за независноста на Косово, кој се разликува од ставот на САД и на Приштина – изјави Вучиќ, по разговорите со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД. („Танјуг“)

Загреб – Претседателката на Хрватска во заминување, Колинда Грабар-Китаровиќ, се премислила и се откажува од намерата да не бара канцеларија што ќе ја користи по завршувањето на мандатот. Според важечките закони, Грабар-Китаровиќ има право во наредните шест месеци да добива надомест во висина на платата што нето изнесува 24.376,20 куни (околу 3.200 евра), и во наредните шест месеци 50 отсто од таа плата. Има право пет години да користи канцеларија, да ѝ асистираат двајца државни службеници, личен возач, службено возило, а физичкото обезбедување ѝ следува трајно.


Бисер балкански

Братска поделба

– Му се извинувам на албанскиот народ. Тужбата на Рама е срамен чин. Тој лобираше за поделба на Косово. Беше за поделба. Во една емисија јасно рече дека со претседателот Ругова се залагал за поделба. Такви разговори имаше и на преговарачките маси на кои бев присутен – рече Рамуш Харадинај, косовскиот премиер во оставка, кој во разговор за Топ ченел рече дека косовските царини за српските производи ќе останат додека Белград не ја признае независноста на Косово. Нема да го направи тоа за да му овозможи на српскиот претседател Александар Вучиќ да победи на парламентарните избори, објасни Харадинај.