Атина – Изборот на Катерина Сакеларопулу за прва жена претседател на Грција со големо мнозинство гласови го симболизира преминот во нова ера, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, непосредно по гласањето во парламентот.
– Резултатот од гласањето потврдува дека во главните прашања можеме да се договориме за нова ера за Грција, со првата жена претседател Катерина Сакеларопулу – рече грчкиот премиер. („Ана“)

Белград – Министерството за одбрана на Србија објави повик за воведување во воената евиденција на лицата што стануваат полнолетни и тие што досега не се регистрирани. Воведувањето во воена евиденција не значи и повик за служење воен рок, а тоа е обврска што е дефинирана во Законот за воена, работна и материјална обврска, соопштија од Министерството за одбрана. (РТС)

Приштина – Основниот суд во Приштина осуди вчера на затворска казна од вкупно 41 година седуммина припадници на илегалната група „Окото на народот“, кои планирале напади врз високи државни функционери и јавни личности во Косово.
Организацијата „Окото на народот“, според обвинението, планирала убиство на косовски Албанци, поранешни југословенски функционери од периодот 1980-1991 година, како и на други личности што ги сметала за предавници. Меѓу оние што се наоѓале на листата за отстрел се претседателот на Косово, Хашим Тачи, досегашниот собраниски спикер Кадри Весели, поранешниот премиер Иса Мустафа. (МИА)


Бисер балкански

Гласот на неважечките ливчиња

– Бројот на неважечките гласачки ливчиња во последниот изборен циклус е приближно ист како и на сите претходни. Поради проблематиката на оваа категорија на изборни ливчиња, пред да се уништат, одлучивме да се изврши стручна анализа за тоа зошто се прогласени за неважечки. Со анализата се утврдува структурата на неважечките ливчиња (празни, прецртани, допишувани, преправени…), а ќе бидат утврдени и други околности, кои укажуваат на евентуален бојкот, незнаење или манипулација при гласањето. Тоа ќе послужи за подобрување и измена на прописите за подобрување на изборниот процес – објаснија од Централната изборна комисија во Босна и Херцеговина за гласините и дезинформациите во дел од медиумите дека повторно се бројат гласовите од последните избори во земјата.
Оваа активност на ЦИК се одвива на репрезентативен примерок од пет отсто избирачки места од двата ентитета и во дистриктот Брчко, за сите четири нивоа на власт за изборите во 2018 година.