Загреб – Хрватска, од сите членки на НАТО, пропорционално најмалку издвојува за модернизација на одбраната, а во исто време оваа земја е на самиот врв според персоналните трошоци, веднаш зад Грција, објави порталот Балканска безбедносна мрежа. (Б92)

Тирана – Албанските жени раѓаат за 50 отсто помалку од светскиот просек. Жeните што живеат во Албанија од година на година се откажуваат од мајчинството, драстично го намалуваат бројот на родени бебиња. Во 2018 година овој феномен беше уште поизразен кога просечниот број на деца родени по жена достигна историски негативен рекорд. Индексот на плодност беше само 1,37 дете по жена, во 2017 година и од 1.73 деца во 2014 година. (ИНСТАТ)

Приштина – Европската Унија вложува над 80 милиони евра за подобрување на квалитетот на воздухот на Косово. Граѓаните на Приштина се задушуваат од загадениот воздух поради работењето на електроцентралите на јаглен и поради греењето на домовите со јаглен и дрва, како и поради користењето стари возила. (АП)

Белград – Националната служба за безбедност на храна на Унгарија одобри странците да можат да внесуваат парче овошје и зеленчук за сопствена употреба, односно помали количества за што не е потребен фитосанитарен сертификат. Европската комисија сѐ уште не го определила прагот за неопходната потврда за здравствената исправност на производите, па затоа ова е привремена мерка што се однесува само за Унгарија, која минатата недела воведе построги критериуми за внесување храна, на што реагираат српските државјани. („Танјуг“)


Бисер балкански

Стаклени нозе

– Овој наш свет во кој живееме се претвори во некоја небулозна состојба меѓу реално шоу и лудница. Емисии со порнографска содржина се емитуваат ден и ноќ, на насловните страници на таблоидните весници, а лудница е тоа што се случува во нашиот политички живот, атмосферата во Собранието, разни афери што остануваат нерасветлени. Општеството засновано на лаги е општество без достоинство и морал, без вистинска надеж. Без морал и етика, нема стабилни општества. Сѐ е на стаклени нозе, политиката, економијата, иднината на државата – писателот Филип Давид во интервју за неделникот „Време“.