Атина – Зголемување на новите случаи на ковид-19, меѓу 156 и 266 отсто во изминатите четири дена, во споредба со една седмица претходно е регистрирано во Грција. Епидемиологот и член на надлежната комисија во Министерството за здравство, Гикас Мајоркинис, информира дека во саботата имало 266 проценти повеќе новозаразени, односно 1.001, наспроти 375 минатата сабота, во петокот зголемувањето било за 195 отсто, а во четвртокот за 156 проценти. (МИА)

Белград – Линискиот дел од гасоводот „Балкански тек“, кој претставува продолжување од „Турски тек“, кој се простира од Турција до Унгарија е завршен, објави генералниот директор на компанијата „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, за време на церемонијата на поврзувањето на цевководот на границата меѓу Србија и Унгарија.
Капацитетот на гасот, кој на излезот од Црно Море, изнесува 15,75 милијарди кубни метри, ќе може да се користи практично низ цела Централна Европа. Претходно тој изјави дека првите испораки на рускиот гас во Унгарија и натаму во Европа преку трите споменати земји се очекува од 1 октомври. („Курир“)

Софија – Бугарските политички партии ГЕРБ, Има таков народ и БСП имаат речиси еднакви позиции, покажува анкета на агенцијата „Медијана“ за политичките ставови една недела пред изборите, спроведена помеѓу 26 јуни и 2 јули со 920 возрасни граѓани.
Ако изборите беа денес за ГЕРБ-СДС, би гласале 22,5 проценти од гласачите, за Има таков народ – 21,7 процент, за БСП за Бугарија – 20,6 проценти, за ДПС – 11,1 проценти, за Демократска Бугарија – 10 проценти од гласовите, за Исправи се! Мафијата надвор! – 5,1 проценти, а за Бугарските патриоти – 4,8 проценти. („Нетпрес“)


Бисер балкански

Парк посветен на Џо Бајден

По повод Денот на независноста на САД, во местото Сојево крај Урошевац во близината на базата Бондстил, свечено биле отворени работите на проектот за уредување зелени површини и поставување статуа на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
Во работите за уредување на просторот учествуваат припадниците на американскиот КФОР од кампот Бондстил и граѓаните на Урошевац. Проектот, кој е финансиран од граѓаните и од претпријатија од Урошевац, чини повеќе од 600 илјади евра.
Учесниците на подготвителните работи на терен одржаа и помен пред споменикот што е поставен во чест на Бо Бајден, починатиот син на американскиот претседател, кој работел за меѓународните институции во Косово, објави „Косово онлајн“.