Тирана – Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека е решен да го смени претседателот на Албанија, Илир Мета, од неговата позиција бидејќи „ја посрамотил земјата“. Рама рече дека претседателот Илир Мета треба да биде разрешен затоа што тој го прекршил Уставот кога застанал зад една политичка партија за време на неодамнешните избори. (АП)

Белград – Корона-бројките во Србија продолжуваат да паѓаат и покажуваат помалку од 1.000 заразени втор ден по ред, а белградските медиуми тврдат дека кампањата за вакцинација ги покажува првите ефекти по ветената државна награда за вакцинираните. Минатата среда, по предлог на претседателот Александар Вучиќ, српската влада донесе одлука за зајакнување на кампањата ветувајќи по 25 евра на сите досега вакцинирани граѓани и на оние што ќе ја примат првата доза до 31 мај. („Новости“)

Атина – За време на словенечкото претседателство со Европската Унија, во втората половина на годината, ќе се одржи вонреден самит посветен на Западен Балкан, односно за проширување на Унијата со земјите од регионот, соопштија премиерите на Грција и на Словенија, Кирјакос Мицотакис и Јанез Јанша, по нивната средба. Мицотакис рече дека уште од самитот во Солун во 2003 година, Грција, „како најстара членка на Унијата во поширокиот регион, е протагонист во обидите за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан“. (МИА)


Бисер балкански

Жртви под три точки!

– Не е важно дали е Србин, Албанец или Ром, имињата на сите жртви требало да се најдат на оваа спомен-плоча, сакам и имињата на моите деца да се најдат на плочата. Но кому да му се обратам за ова – ова е реакцијата на Драгиша Петровиќ, по повод поставувањето на спомен-обележјето за загинатите цивили и војници кај Подуево. Жртвите биле патници во автобусот, кој пред 22 години додека се движел на релацијата Ниш – Косово бил погоден од проектил за време на бомбардирањето на тогашна Сојузна Република Југославија. На оваа плоча се најдоа само имињата на 31 албанска жртва, а под реден број 32 се наведени три точки. Во автобусот што беше погоден кај местото Лужане се наоѓаа и 13 Срби, од кои седуммина беа цивили.
На Први мај, градоначалникот на Подуево, Шпетим Булиќи, ја откри спомен-плочата. Од Фондот за хуманитарно право на Косово побараа од Општина Подуево „вистински да биде претставен настанот што се случил на 1 мај 1999 година“. Градоначалникот Булиќи не сакаше да го коментира поставувањето на плочата, а на новинарот на Радио Слободна Европа му изјави дека „тоа било иницијатива на неговото семејство“.