Белград – Српскиот патријарх Порфириј ќе биде во изолација во наредните денови. Патријархот претходните денови бил во контакт со свештеник, за кој се покажало дека има лесна и асимптоматска форма на ковид-19, беше објавено на веб-страницата на Српската православна црква. (РТС)
Софија – Во Бугарија вчера се одбележи државен празник, чиј целосен наслов е Бугарски ден на ослободување од османлиската доминација. Овој празник е национален ден на Бугарија и им оддава почит на бугарските доброволци што за време на Руско-турската војна од 1877 до 1878 година со помош на руски и романски сили ја ослободија Бугарија од речиси 500-годишното османлиско владеење. Трети март го означува датумот на потпишување на Договорот од Сан Стефано во 1878 година. (РСЕ)
Атина – Во изминатите 24 часа во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на ковид-19, вкупно 2.353, а дополнително се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати во грчките болници. Регистрирани се уште 23 смртни случаи, а половината од новозаболените се од областа Атика, поширокиот регион на Атина. („Независен“)
Бисер балкански
Долгови за нивните деца
– Оваа власт секако ќе остави долгови. Кој ќе ги враќа долговите – зависи од тоа кој ќе остане во оваа земја. Можеби во некое песимистичко сценарио ќе останат само нивните деца, па тие ќе ги враќаат долговите, а другите деца ќе продолжат да живеат некаде на друго место. Но верувам дека тоа нема да се случи. Во секој случај долговите ќе останат. Тие сега изнесуваат 27 милијарди долари. Доколку оваа пандемија продолжи, долговите ќе пораснат и до 30 милијарди. Апетитите на оваа власт нема да се намалат. Засега овие задолжувања се на седум до десет години. Овој период ќе се одолжи, бидејќи не верувам дека долговите ќе се враќаат навреме. Така, генерациите што доаѓаат ќе ги враќаат долговите – вели Горан Радосављевиќ, професор на Факултетот за економија, финансии и администрација, во разговор за Радио Слободна Европа, за задолжувањето на Србија, кое изнесува околу 66 отсто од националниот БДП.