Загреб – Владејачката коалиција предводена од ХДЗ се договори за распуштање на хрватското собрание в понеделник. Парламентарните избори ќе се одржат во јуни или во јули. Изборната кампања на партиите ќе се одвива во согласност со препораките на кризниот штаб за спречување на коронавирусот. (Н1)

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ прексиноќа телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за односите меѓу двете држави, ситуацијата во Западен Балкан и за борбата против коронавирусот.
– Србија има привилегија да има искрен пријател како Русија, исто како што сум почестен од нашите лични односи на заемно почитување и доверба – му рекол Вучиќ на Путин, се наведува во соопштението од неговиот кабинет. (РСЕ)

Приштина – Синдикатот на вработените во приватниот сектор на Косово проценува дека поради пандемијата на коронавирусот, без работа останале околу 30.000 луѓе. Претседателот на овој синдикат, Јусуф Аземи, вели дека оние што ја изгубиле работата не успеале да добијат ниту компензација од 130 евра, како што е предвидено во пакетот мерки на Владата на Косово. Даночната администрација соопшти дека од март годинава добиле 1.600 барања од луѓе што ги загубиле работните места. („Бета)


Бисер балкански

Важно е да си во игра

– Условите не се фер, на овие избори не може да се победи, но целта е да се остане во игра. Ги повикувам гласачите на Српската напредна партија, за кои знам дека се патриоти, да внимаваат што зборува нивниот лидер Александар Вучиќ и сами да се уверат во тврдењата дека државата е под удар, дека Србија исчезнува пред нашите очи. Ние нудиме визија за Србија како за суверена држава во која граѓаните одлучуваат за сопствената судбина, држава во која власта ќе се плаши од граѓаните, а не спротивно – изјави Саша Радуловиќ, претседател на движењето „Доста беше“, кој побара од граѓаните да ја поддржат нивната иницијатива за собирање потписи за учество на парламентарните избори во Србија.