Подгорица – Специјалното државно обвинителство на Црна Гора отвори предмет и во тек е истрага дали претседателот Мило Ѓукановиќ го користел службениот владин авион за приватни потреби. Обвинителството ги истражува информациите што ги објави истражувачкиот центар МАНС, според кои Ѓукановиќ, на 29 декември минатата година, со владиниот авион патувал од Подгорица до Париз, а на 10 јануари од Париз до Подгорица. Се претпоставува дека Париз бил негова попатна станица на неговото патување во Мајами. (ТВ Вијести)

Атина – Грчката опозициска партија СИРИЗА достави предлог-закон за зголемување на најниската плата, односно за оваа година да достигне до 698 евра, а за следната 751 евро. Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, вели дека лани, тие како влада ја зголемиле за 11 отсто најниската плата, а сега, една година подоцна, доставуваат предлог-закон за ново зголемување за 7,5 проценти во 2020 (698 евра) и 7,5 отсто за 2021 (752 евро). (МИА)

Приштина – Демократската партија на Косово, која по октомвриските избори премина во опозиција, одлучи да ја бојкотира денешната седница на Претседателството на Собранието, во знак на протест поради тоа што собраниската спикерка Вјоса Османи ѝ го смени местото на фотографијата на актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи. („Коха“)

Белград – Маж со иницијали Р.Ч. (66), чие тело е пронајдено во неговата кола во близината на селото Сеница, Србија, починал од замрзнување.
– Човекот одел на лекарска контрола во Сеница, а кога се враќал бил заробен од снежниот бран – изјави лекарот Мехмед Башиќ. („Курир“)


Бисер балкански

Нема да плаче

– Албанија нема да стои пред вратата на Европа и да плаче за да се отвори. Не очекувам ништо. Не можеме да продолжиме да живееме со загриженост и во очекување на нешто што не е во нивни раце – изјави Еди Рама, албанскиот премиер во интервју за агенцијата „Франс прен“, додавајќи дека државата мора да се фокусира на својата иднина.
Албанскиот премиер тврди и дека неговата земја направила повеќе од која било за почеток на преговорите со ЕУ, пренесе РСЕ.