Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета порача дека визната либерализација за граѓаните на Косово е неопходност што мора да се случи што е можно поскоро. Тој го поздрави барањето на европратениците за укинување на визите за Косово, истакнувајќи дека „европската перспектива на Косово расте и се зајакнува секој ден“. („Алсат“)
Подгорица – Црногорскиот министер за труд и социјална помош Кемал Пуришиќ е позитивен на коронавирусот, соопшти црногорската влада. По резултатите од тестот, министерот и неговата сопруга се во самоизолација.
– Националното координативно тело го поздравува неселективното почитување на епидемиолошките мерки и му посакува на семејството Пуришиќ брзо закрепнување и враќање на редовните активности – соопшти Владата на својот профил на Твитер.
(РТЦГ)
Белград – Холандија одлучи да ги затвори границите за влез на граѓаните од Србија и Црна Гора, само една недела откако ги крена рампите. Причина е големиот број на новоинфицирани лица со коронавирусот што се евидентирани во овие земји. Србија и Црна Гора се најдоа на листата со 14 земји што не се членки на ЕУ, а нивните граѓани да можат од 1 јули да влегуваат во еврозоната без посебни процедури поради пандемијата на коронавирусот. („Новости“)
Бисер балкански
Танц со вирусот
– Карантинот е добар, но неодржлив. Од психолошки, економски и секој аспект, карантинот не може долго да трае. Мора да се навикнеме на соживот и да се придржуваме на мерките, како што се нарекува стратегијата, да се танцува со вирусот колку што се може. Планот за дополнителни рестриктивни мерки е на маса. Никогаш не рековме дека ќе ги забраниме венчавките, туку зборував за построги мерки – изјави Крунослав Цапак, директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство, кој на гостувањето на телевизија рече дека добивал стотина мејлови од „бесни“ младенки и организатори на свадбени настани.
Некои од пораките биле со апели да не се забрануваат прославите за венчавки, а некои биле со навредлива содржина и со закани кон луѓето од Кризниот штаб за справување со епидемијата во Хрватска, каде што бројот на заболени лица се зголеми по олабавување на мерките.