Белград – Новиот амбасадор на Израел во Србија, Јахел Вилан, изјави дека нема никакво прашање во врска со тоа дали Израел ќе го признае Косово или не, бидејќи, како што вели, Израел го признал Косово на 4 септември. На овој ден во Белата куќа беа потпишани договори во две варијанти, а само во документот потпишан од Приштина стои признавањето на независноста на Косово од Израел, бидејќи Белград не сакал да се согласи со тоа, но не можел да ја спречи суверената одлука на Израел. (РТС)

Загреб – Владејачката ХДЗ и нејзината влада почнуваат да ја спроведуваат забраната за работа во недела, која беше предизборно ветување за задолжителен неделен одмор со 14 работни недели годишно што би ги одредиле работодавците.
– Подготвуваме закон што ќе ја регулира работата во недела, земајќи го предвид балансот помеѓу работата, одморот и поминувањето време со семејството и блиските – рече владиниот портпарол Марко Милиќ.
Во недела треба да бидат отворени само пекарници, бензински пумпи и киосци и веројатно продавници на станиците. („Индекс“)

Подгорица – Конститутивната седница на новиот состав на Парламентот на Црна Гора ќе се одржи денеска и ќе бидат избрани новиот претседател и потпретседатели на Парламентот на Црна Гора. Државната изборна комисија на Црна Гора ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 14 септември, според кои три опозициски коалиции освоија 41 место, додека сегашното владејачко мнозинство има 40 места во новиот состав на црногорскиот Парламент. (РТЦГ)


Бисер балкански

Сто години задоцнување

– Економскиот раст на Босна и Херцеговина во последните години е стабилен, со приближно три отсто, но тоа е премалку за да донесе просперитет. Доколку БиХ продолжи да расте со ова темпо, би ѝ требале 100 години да го достигне животниот стандард на Европската Унија. Ни сегашниот раст не може да се смета за сигурен, бидејќи тој се потпира на извори што не се одржливи на долгорочно ниво – се наведува во документот на Светска банка.
Граѓаните на БиХ потешко го зголемуваат животниот стандард, а земјата се соочува со критичниот предизвик за брзо губење на бројот на населението. Нивото на инвестициите, кои моментално изнесуваат 18 отсто од БДП, треба да порасне, како и продуктивноста на работната сила, која е ниска и во натамошен пад. Нивото на извозот од околу 38 отсто е ниско за малата економија, а две третини од извозот на стоки и услуги е со мала додадена вредност, пренесува „Аваз“.