Софија – Второпласираната партија на парламентарни избори во Бугарија, Има таков народ на Слави Трифонов објави дека не прифаќа преговори за формирање влада со победничката ГЕРБ на премиерот во оставка Бојко Борисов. Победничката партија и до неодамна владејачка, ГЕРБ, го доби мандатот да предложи владин кабинет.
Демократска Бугарија, уште еден кандидат за коалицирање со ГЕРБ, веќе категорично изјави дека владејачката партија со најголемата парламентарна група не може да се потпре на нивните гласови. („24 часа“)
Атина – Од 3 мај во Грција почнува постепено укинување на корона-рестрикциите и продолжување на економските и социјалните активности, објави премиерот Кирјакос Мицотакис. Грчкиот премиер Мицотакис најави отворање на туристичката сезона во земјата на 15 мај. И македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција со сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест. („Локално“)
Тирана – Едно лице е убиено, а четири се повредени во пукањето што се случило завчера во близината на Тирана, а било поврзано со партиски активисти пред претстојните парламентарни избори, пренесоа полицијата и медиумите. Во полициското соопштение се вели дека меѓу ранетите е и една полицајка што се обидела да ѝ стави крај на расправијата во градот Елбасан, 35 километри јужно од Тирана. Неколку лица се приведени, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач. („Алсат“)
Бисер балкански
Србите навиваат за каменот на Сизиф
– Ако не се обидеш, тогаш си дефетист. Ако се обидеш, имаш малку изгледи на успех. Ѓинѓиќ еднаш рече – кога Сизиф го турка каменот нагоре на ридот, мнозинство Срби навиваат за каменот. Во оваа приказна Сизиф е опозицијата, а каменот е Вучиќ. Тие што сакаат промени им останува трпението, да работат на себеси – да го преобликуваат егото во насока на тимската игра. Синергија. Тешко дека некој во опозицијата ќе го помести каменот, претежок е. А Брисел сѐ уште не е подготвен да ги мобилизира значајните политички дивизии во име на српската демократија. Вучиќ го знае тоа. Но исто така знае дека уште еден еднопартиски парламент, сепак, му ја затвори и понекогаш подотворената врата – вели Драгослав Дедиќ, новинар и поранешен уредник на Програмата на српски јазик во „Дојче веле“..