Белград – Институции и поединци што се на првата линија на фронтот против ковид-19 се одликувани со највисоко државно признание за придонес во спречувањето на епидемијата. По повод Денот на примирјето во Првата светска војна, српскиот претседател Александар Вучиќ им додели одликувања на 101 лице и институции. (РТВ)
Атина – Од вчера до 30 ноември секој што ќе пристигне во Грција со меѓународни летови мора да приложи негативен ПЦР-тест, направен 72 часа пред патувањето. Одлуката ќе важи за периодот додека земјата е во карантин. („360 степени“)
Тирана – Албанија воведе полициски час, како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот по наглото зголемување на случаите во изминатите неколку недели. Полицискиот час ќе биде во сила од 22 до 6 часот, а казната за непочитување изнесува 80 евра.
– Ограниченото движење ќе трае три недели, што, сепак, зависи од епидемиолошката состојба со ковид-19. Од оваа одлука се изземаат само службите за итни потреби, односно секторите електродистрибуција, водовод, телекомуникации, противпожарните единици и медиумите – информираа од Кризниот штаб на Албанија. („Макфакс“)
Бисер балкански
Социјално кафе за пратениците
– Не може кафето да чини седум динари. Не сме ние здружение на социјални случаи, овде платите се солидни. И во пензионерските клубови на село цената на кафето е 70 динари. Министерот за финансии Синиша Мали веќе го пие третото кафе. Да е кафето 80 динари тој би испил две – вели Драган Марковиќ-Палма, пратеник во српското собрание од партијата Единствена Србија, кој искажа незадоволство од цените за храната и пијалаците во собранискиот ресторан и побара тие да се зголемат за народните избраници.
Претседателот на Собранието, Ивица Дачиќ, изјави дека тие немаат никаква врска со цените во собранискиот ресторан и додаде дека нив ги одредува Управата за заеднички работи на републичките органи.