Љубљана – Големи протести против Владата и нејзините активности за време на епидемијата на коронавирус се одржаа во Љубљана. Околу 3.500 демонстранти на велосипеди и пешаци за време на првомајскиот празник го изразиле незадоволството од работата на Владата. Демонстрантите ги обиколиле зградата на парламентот и центарот на Љубљана, извикувајќи пароли против Владата, но немало инциденти. (МИА)

Тирана – Бројот на Албанци во затворите во Велика Британија е зголемен за четири пати во споредба со 2013 година, кои ја сочинуваат етничката заедница што е најмногубројна во британските затвори. Албанците сочинуваат една десеттина од затворениците со странско државјанство во Англија и Велс. Повеќето Албанци во британските затвори издржуваат казни за трговија со дрога, главно кокаин. („Тајмс“)

Белград – Во првиот квартал годинава бројот на вработени во Србија изнесуваше 2.186.834, што е намалување за 15.801 работник во однос на просекот на четвртото тримесечје минатата година, објави Републичкиот завод за статистика. Во споредба со декември 2019 година и март годинава, бројот на вработени е намален за 32.176 лица. (РТС)


Бисер балкански

Миење на рацете и на мозокот

Оваа власт ја искористи вонредната состојба и главните медиуми ги направи кучиња чувари. Ова општество толку се раздели и вонредната состојба е идеална шанса за власта да го контролира умот на луѓето. Дојдовме до тоа – вие мијте ги рацете, но прво да ви ги испереме мозоците. За 15 дена во март, во вестите на телевизиите, Александар Вучиќ имал 14.219 секунди, опозицијата 112, Сојузот за Србија 87 секунди. Што можеше да слушне народот? Само тоа што го кажува Вучиќ – изјави новинарката Гордана Суша во онлајн-дебатата на тема „Србија меѓу вонредна состојба и изборна трка“.