Белград – Во последните пет дена имаме голем број заразени од коронавирус, над 40 лица, од тоа има шест деца на возраст од 10 до 14 години. Речиси 98 отсто од нив се дојдени од летување и најголемиот број се од Црна Гора, изјави Милорад Јеркан, директор на Домот за здравје во Ниш.
Во овој српски град бројот на вакцинирани е над 63 отсто, а втората доза ја примиле околу 60 отсто. Досега ковид-19 прележале околу 14 отсто нишлии. (РТС)

Загреб – Дури 79 проценти од Хрватите што се преселиле во Германија од 2013 година, кога Хрватска ѝ се приклучи на Европската Унија, се задоволни од својот нов живот во таа земја, а само три проценти се незадоволни.
Ова се потврдува со контролното прашање, според кое 65,2 проценти од емигрантите не жалеле што се преселиле во Германија, а 80 проценти тврдат дека нивните очекувања во врска со реализацијата во Германија биле исполнети. Само 15 проценти размислуваат да се вратат во Хрватска на краток или среден рок, 45 проценти на крајот би се вратиле само кога ќе се пензионираат, додека 40 проценти велат дека враќањето не доаѓа предвид. („Хина“)

Љубљана – Словенечката влада објави дека од 23 август, патниците во транзит за влез во земјата ќе треба да покажат доказ дека се вакцинирани против коронавирусот, дека ја прележале болеста или да имаат негативен тест.
Дотогаш за патниците во транзит уште важи дека тие не мора да го докажуваат својот ковид-статус на границата, доколку ја напуштат Словенија во краток рок, не подолг од 12 часа. (СТА)


Бисер балкански

Извалкани и невини

– Не треба да се делат партиите во опозицијата на поранешни и „извалкани“ и нови „невино чисти“. Договорот за меѓусебно ненапаѓање на опозициските партии во пресрет на изборите е неопходен, бидејќи секој јавен вербален судир на противниците на режимот го зголемува бројот на апстинентите и го јакне Вучиќ – изјави Бојан Пајтиќ, поранешен претседател на Демократската партија и професор на Правниот факултет во Нови Сад, за можноста за постигнување договор меѓу политичките субјекти во опозицијата на Србија.