Атина – По шест месеци пауза, поради карантинот и рестрикциите, од вчера се отворени угостителските објекти во Грција, под посебни правила и протоколи, а полицискиот час ќе започнува од 23 наместо од 22 часот. Угостителските објекти ќе работат само во надворешните делови, без музика, со ограничено работно време до 22.45 часот, забрането е стоење, дозволено е најмногу шест лица на една маса, а масите треба да бидат на растојание од 0,90 до 1,80 см, во зависност од поставеноста на столчињата.
Тирана – Големо количество американска воена опрема пристигна во албанското пристаниште Драч, пред големата вежба на НАТО во таа земја. Опремата ќе се користи за време на двонеделна вежба, со учество на околу 6.000 американски војници во шест албански воени бази. Вежбата ќе се одржи во Албанија од 17 до 2 јуни, како дел од големата меѓународна воена вежба „Бранител на Европа 21“. („Алсат“)
Загреб – На списокот со трошоците за живот во 608 града во светот, во глобалната база на податоци за потрошувачки цени има пет од Хрватска. Најскап е Дубровник, кој го освои високото 65-то место и се најде пред Брисел, втор е Задар, на 275-то место, следуваат Сплит (312), Риека (322), Загреб (346), а најевтин е Осиек, кој го зазеде 374-то место на списокот. Една од причините за тоа, се чини, е високата цена на основните комунални услуги, кои вклучуваат електрична енергија, греење, вода и домување. Меѓу 107 земји, Хрватска е на високото 17-то место на таа листа. („Танјуг“)
Бисер балкански
Живот под наем
– Денешната генерација млади секако живеат полошо од постарите. Кај секоја генерација се смета дека ќе живее подобро од своите родители. Во поголема мера се пообразовани и со самото тоа и повеќе ќе заработуваат. Генерацијата на овој милениум ја зафати некое друго сценарио. Иако се пообразовани, пошироко гледано, тие живеат полошо од своите родители. На пример, мојата генерација навистина подобро живее од родителите. Поради високиот степен на образование и поголеми примања, можевме да акумулираме средства со кои вложувавме во недвижности. Но овие генерации едноставно не можат – вели Власта Илишин од Институтот за општествени истражувања во Загреб, која објаснува за сѐ поголемата раширеност на младите да изнајмуваат недвижности или други движни предмети, како што е облека или возила за лична употреба.
Ова е резултат на тоа што новите генерации работат на определено време и имаат ниски примања, што ги прави да имаат неповолен кредитен рејтинг. Тие не можат да инвестираат долгорочно без помош на своите родители, за да купат стан или возило, и затоа изнајмувањето им е поповолна опција, објаснува Илишин за „Јутарњи лист“.