Атина – Грција ја продолжи забраната за влез во земјата до 31 јули за граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ, објави грчката дирекција за авијација. Сите летови од Албанија и Македонија, како резултат на зголемувањето на случаи на коронавирус, ќе можат да летаат само до атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос“ до 31 јули 2020 година, додека забраната за летови до и од Турција ќе биде продолжена до 1 август. (МИА)

Атина – Потреба итно да се постигне договор на европско ниво за Фондот за закрепнување истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред почетокот на вчерашниот самит на ЕУ, истакнувајќи дека „не постои апсолутно никаква причина зошто да не се постигне договор на овој самит“. („Опсервер“)

Брисел – Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Авдулах Хоти, ги одржаа своите први разговори лице в лице за изминативе 20 месеци, а во рамките на дијалогот со посредство на Европската Унија, насочен кон нормализирање на односите меѓу двата балкански соседи. Вучиќ и Хоти се согласија повторно да се сретнат на почетокот на септември. Разговорите на техничко ниво ќе продолжат идната недела. (РТС)


Бисер балкански

Во туѓи чевли

– Доколку секој жител на Сараево или Загреб, Белград, Подгорица, Љубљана или на Скопје, Приштина, Нови Сад, Мостар или кој било град го отвори прозорецот и погледне на улица, ќе види многу слични работи. Како во однос на власта кон луѓето и во меѓучовечките односи, така и за состојбата во економијата и моралниот дух, кој потклекна во последно време. Луѓето со право се резигнирани. Секојпат се почнува со еден мал чекор, па макар бил и чекор на бебе. Сите добронамерни луѓе треба да им се поклонат на паднатите жртви. Сѐ додека не прошетаме илјади километри во туѓи чевли, не можеме да знаеме како се чувствува другиот – рече Мидхат Хапетановиќ, сараевски архитект и концептуален уметник, за илустрациите што предизвикаа емотивни реакции кај граѓаните од регионот, во кои се претставени маскотите Вучко, симболот на Олимписките игри во Сараево 1984, Заги од Универзијадата во Загреб и победникот од белградскиот Калемегдан, како се поклонуваат пред жртвите во Сребреница.