Белград – Во Србија може да се очекува влошување на состојбата во следните седум дена кога станува збор за бројките поврзани со коронавирусот.
Мирсад Џерлек, државен секретар во Министерството за здравство,
рече дека во наредната недела може да се очекува бројката значајно да ја надмине границата од 4.000 на ден.
– Во изминатите 24 часа голем број граѓани дојдоа на прегледи во ковид-центрите, лекарите имаат полни раце работа и Белград е сè уште најкритичен – рече тој.
Српската православна црква потврди дека српскиот патријарх Иринеј е хоспитализиран во воената болница „Карабурма“, поради влошена здравствена состојба предизвикана од ковид-19. Патријархот на СПЦ бил пренесен во болница вчера поради „влошување на хроничната срцева слабост“. („Новости“)

Загреб – На состанокот за воведување евентуални нови мерки во Загреб, еден од главните предлози на членовите на загрепскиот штаб било масовно тестирање на жителите на хрватскиот главен град со брзи тестови, за во краток рок да се детектира колку што е можно поголем број заразени.
Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 3.056 новозаразени случаи, а дури 43 лица починале. Хоспитализирани се 1.620 пациенти, од кои 179 се на респиратори, но болничкиот систем и понатаму се полни.
(„Хина“)


Бисер балкански

Вечни градоначалници

Десетина началници и градоначалници во Босна и Херцеговина на овие позиции се повеќе од 20 години. Долгогодишниот градоначалнички мандат е можен во БиХ затоа што изборните закони дозволуваат за овие функции да се избираат лица во неколку мандати, сѐ додека за нив гласаат граѓаните. Од невладините организации предлагале измена на изборното законодавство и ограничување на два последователни мандати, но тоа не било прифатено од сите досегашни партии што биле во извршната власт. Со најголем стаж на позицијата на началник во БиХ е началникот на Општина Теочак, Тајиб Муминовиќ, кој оваа функција ја извршува од 1994 година. На вчерашните локални избори во БиХ тој немаше противкандидат и може да ја почне третата деценија на чело на најмалата општина во БиХ, се наведува во анализата на „Вистиномер“, пренесува „Ал џезира“.