Почина докторка во Ниш
Ниш – Докторка што работела во Ниш е четврта жртва на коронавирусот во Србија, потврди министерот за здравство Златибор Лончар. Докторката е прва жртва меѓу медицинскиот персонал во Србија, а претходно имала контакт со лице што се вратило од Италија и кое заразило уште неколкумина. Бројот на заразени во Србија достигна 303, меѓу кои има и две бебиња, кои засега се во добра состојба. („Новости“)

Тирана – Албанската влада прогласи состојба на природна непогода на целата територија на земјата во период од 30 дена. Донесувањето на оваа одлука значи дека Владата и општините имаат законска обврска да ги компензираат сите граѓани погодени од природната непогода. („Локално“)

Подгорица – Општината Тузи со 12 илјади жители е ставена целосно во карантин, каде што се потврдени 15 случаи на зараза од коронавирус. Во Црна Гора до средата се регистрирани 52 случаи на заболени. Во Црна Гора стапија во сила нови засилени мерки за заштита од коронавирусот, а се забранува движење на повеќе од две лица заедно на отворен простор. („Дан“)


Бисер балкански

Акции за телевизори!

– Ги молам работодавците да ја организираат работата со минимален број луѓе. Сопствениците на супермаркетите и на продавниците за апарати за домаќинство да престанат да ги рекламираат акциите што немаат врска со основните потреби. Ова не е време во кое треба да се огласува купување евтини телевизори или слично. Не е време за снежни радости. Ги молам родителите да се откажат снежниот ден да го искористат за забава и разонода – изјави Давор Божовиќ, министер за внатрешни работи во Хрватска.
Во Хрватска има регистрирано 361 случај на заболени од коронавирус, соопштија од Националниот штаб за цивилна заштита.