Панорама / Белград како Лас Вегас

Атина – Активирање на парламентарната група за пријателство меѓу Македонија и Грција и одржување тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји бараат пратеници од СИРИЗА. Дописот е од потпретседателот на групата за пријателство Македонија – Грција, пратеникот од СИРИЗА, Никос Папас, и од поранешниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, кој наедно е и надлежен за надворешна политика во опозициската партија, а го потпишуваат вкупно 17 пратеници од СИРИЗА, членови на групата за пријателство меѓу двете земји. („Независен“)

Белград – Во Србија околу 14 проценти од населението, поточно 850.000 возрасни лица, немаат завршено основно училиште, иако тоа е задолжително со закон. Секое петто лице нема завршено средно училиште. Без училиште се 2,68 отсто од населението во Србија, 11 проценти со нецелосно основно образование и 20,76 отсто со основно образование, додека речиси два проценти се неписмени или 1,96 отсто. („Блиц“)

Брисел – Европската Унија ги поздрави продолжените истражувачки разговори меѓу Турција и Грција, рече во понеделникот шефот за надворешни работи на блокот, Јозеф Борел. Тој исто така ги пофали важните пораки и гестови на турските власти за надминување на минатогодишните тензии со ЕУ. („Анадолија“)


Бисер балкански

Белград како Лас Вегас

– Од есента лани, по попуштањето на мерките поради пандемијата на коронавирусот, се зголеми интересот за венчавки на странците. Почна срамежливо и сега има сѐ повеќе парови од сите делови на светот што се пријавуваат за венчавки во Белград. Најмногу има парови од земјите што ги знаеме како Исток и Запад, на пример Американец и Романка, Американец и Иранка, Израелец и Азербејџанка, Тајланѓанка и Канаѓанец… Прво не ме интересираше, но подоцна кога разбрав дека Белград станува Лас Вегас се распрашав за оваа појава. Главно тоа е поради полесната процедура за венчавка и поолабавените мерки за влегување во Србија, но и поради тоа што се наоѓаме на средина и затоа им е полесно на идните брачни другари да се сретнат – вели Ребека Божовиќ, судска преведувачка, за зголемениот број венчавки во Белград за време на пандемијата. Само во матичната управа во Белград биле евидентирани 25 венчавки на странци во последните неколку месеци, пишува „Данас“.