Србија никогаш нема да влезе во ЕУ без признавање на Косово, порача специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, кој е во еднодневна посета на Косово.
Како што пренесуваат приштинските медиуми, „Љајми“ и „Клан Косова“, Палмер во обраќањето до студентите во Националната библиотека во Приштина, рекол дека српскиот претседател Александар Вучиќ знае дека Србија никогаш нема да влезе во ЕУ без решение на проблемот со Косово.
Тој рекол дека Косово не може да се изостави од трајното решение на Балканот и нагласил дека решавањето на односите меѓу Косово и Србија останува стратешки приоритет на САД.
Специјалниот претставник порачал и дека неговата земја ја поттикнува новата косовска влада да го зајакне планот за дијалогот со Белград.
-Не гледаме интеграција на вашата земја без помирување со Србија. Заслужувате во НАТО, ЕУ, ОН, заслужувате да не бидете зад САД, туку рамо до рамо со нас. Таква е иднината преку дијалог, зошто статус кво не е доволно – истакнал Палмер.