Нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е еден од главните приоритети на САД, е оцената на заменик-помошникот на американскиот државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан Метју Палмер, кој во средата сведочеше пред одборот за надворешни работи на американскиот Сенат и пред одборот за Европа. Палмер го пренесе ставот дека САД очекува новата влада во Приштина да ги укине таксите за увоз на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, а во исто време Србија да ја прекине кампањата што ја води во светот против Косово, за зачленувањето во меѓународните организации. Во однос на спроведувањето на реформите во БиХ, Палмер како главна пречка го гледа српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик, кој се противи на интегрирањето на земјата во НАТО.
Директорот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Зијад Бечировиќ, смета дека Палмер правилно ги детектирал проблемите во земјите од Западен Балкан. Тој оценува дека планот на американскиот дипломат има големи шанси да биде реализиран, со максималното вложување на домашните политичари и граѓани. Новиот притисок од САД над балканските земји е освежување по неуспешната политика на ЕУ за овој дел од Европа.
– Дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел не беше добро воден и доживеа фијаско. Поради ова се продлабочи недовербата меѓу двете страни и кон ЕУ.
Во таков амбиент тешко е да се постигне напредок – вели Бечировиќ за Ал џезира.
Аналитичарот за геополитички односи, Благој Граховац, не верува дека пораките од Палмер ќе бидат прифатени од Србија и од Косово, но дека е сигурен дека тие ќе бидат разбрани од граѓаните во тие земји. Тој посочува на тоа дека популистичките политики губат и во другите земји во Европа, како што е случајот со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ги изгуби изборите во значајни градови во земјата. Граховац се надева дека граѓаните на ист начин ќе ги казнат овие политики и во другите земји на Балканот.
Експертот за меѓународни односи, професор Златко Хаџидедиќ, е внимателен кога говори за идното влијание на САД, но тој е загрижен поради внатрешната поделеност во Вашингтон, меѓу различните ставови што се изнесуваат од Конгресот, Белата куќа, Пентагон и од другите нивоа на власт.
– САД сега се наоѓаат во фаза на престројување, кога не постои јасна визија што се сака да се постигне во поединечните делови во светот – вели Хаџидедиќ.