Србија
Србија вчера го отвори кластерот број четири на меѓувладината конференција со ЕУ. Кластерот број четири се однесува на зелената агенда и одржливото поврзување и се состои од четири преговарачки поглавја (транспортна политика, енергетика, трансевропска мрежа и животна средина и климатски промени).
Гаспер Довжан, државен секретар во словенечкото министерство за надворешни работи (земјата актуелен претседавач со ЕУ), нагласи дека истовременото отворање четири преговарачки поглавја носи поголема динамика во пристапните преговори на земјата и на регионот.
– Но исто така забележуваме дека се потребни дополнителни напори, како што се независност на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и домашни постапки во процесите против воените злосторства – изјави Довжан. Тој порача дека за Србија е клучно да има конструктивна улога во дијалогот со Косово, што ќе го одреди темпото на преговорите за членство.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, по повод новите поглавја со Белград, изјави дека состанокот праќа силна порака дека ЕУ е посветена на интеграцијата на Србија во Унијата. Сепак и тој повтори дека дијалогот со Косово ќе биде одредница за одвивањето на преговорите за членство.
Во меѓувреме, српската премиерка Ана Брнабиќ истакна дека отворањето на кластерот е огромна мотивација. Таа се надева дека Србија наскоро ќе отвори уште еден кластер. Со отворањето на овој кластер, Србија има отворено 22 поглавја од пристапните преговори. Инаку, преговарачкиот процес се одвива во согласност со новата методологија на ЕУ усвоена во 2020 г. Новата методологија предвидува отворање тематски кластери што опфаќаат повеќе поглавја. Новата методологија има шест тематски кластери. Ова е првпат Србија да отвори еден кластер.
Подготвил: Дејан Србиновски