СРБИЈА
Во летниот период во Србија се случуваат 40 отсто од вкупниот број сообраќајни незгоди
Од почетокот на годината до петти август во сообраќајните несреќи во Србија загинале 292 лица, што е за 19 повеќе од истиот период лани. Во овој период биле регистрирани 11.500 повредени и тоа е намалување од пет отсто. Директорката на Агенцијата за безбедност во сообраќајот, Јасмина Милошевиќ, вели дека во текот на летото се случуваат 40 отсто од вкупниот број сообраќајни незгоди, што се должи на зголемениот број возила на патиштата во текот на овој период од годината.
– Претходната година имавме 28 отсто повеќе возила на нашите патишта – вели Милошевиќ, во изјава за „Танјуг“.
Причините за неповолната сообраќајна статистика во текот на летото е сѐ поголемиот број млади возачи, неповолните временски услови со поројни дождови и високи температури, но и зголемениот број превозни средства на две тркала.
– Во градските средини сѐ повеќе се користат и електрични тротинети, кои се еден од ризиците за сообраќајна несреќа – вели Милошевиќ.
До 25 јуни годинава имало најмал број загинати и повредени во сообраќајните несреќи откако се води официјалната статистика. Но од 25 јуни до петти август има голем пораст на жртвите.
Околу третина од несреќите во Србија се предизвикани од лошо управување на возачите, што е последица на заморот.
Зголемениот број сообраќајни несреќи во текот на летото, директорот на Комитетот за безбедност во сообраќајот, Дамир Окановиќ, го објаснува со учеството на различни видови превозни средства од камиони до мотокултиватори и запрежни возила. Во летниот период најголемите несреќи се случуваат на патиштата со зголемена фреквенција на возила, а пред сѐ на Коридорот 10 и на патниот правец кон Црна Гора.
Тој напоменува дека најчестата грешка што ја прават возачите е што долгото чекање на граничните премини и на патарините сакаат да го надоместат со побрзо возење, кое ја надминува дозволената пропишана брзина на одделни делници од патот. Во такви случаи, возачите се обидуваат да претекнуваат и во многу опасни места и ситуации. Сето тоа е одраз на недоволната сообраќајна култура на граѓаните, како што е непочитувањето на сообраќајните прописи и користењето заштитни појаси и шлемови за глава.