Хрватска

Управата на пристаништето во Риека поништи конкурс за концесија, во вредност од 2,73 милијарди евра, за економско користење на просторот познат како Загрепски Брег. На јавниот оглас пристигнале две обврзувачки понуди од светски познати компании за управување на пристаништа, пишува весникот „Вечерњи лист“.
Причината за повлекување на конкурсот е што една од понудите, која е и поповолна, е од конзорциум на кинески компании, пренесува „Хина“. Хрватскиот весник се повикува на информации за тоа дека САД и ЕУ извршиле притисок врз Хрватска за тоа 50-годишната концесија за контејнерскиот терминал во риечкото пристаниште да не го добијат Кинезите.
Хрватска би можела да ја избере кинеската понуда наспроти противењето на своите западни сојузници или да го поништи конкурсот. Втората понуда за концесија, која е понеповолна, не била земена предвид од пристанишната управа.
Управата на пристаништето во Риека не дала објаснување зашто конкурсот е поништен. Наскоро ќе биде почната нова постапка за прибирање понуди за развој, дејствување и управување со контејнерскиот терминал Загреб.