Според анализата на Фондот за население на ООН и агенцијата „ООН за жените“ во Србија, пандемијата на коронавирусот и превентивните мерки во земјата повеќе ги погодија жените отколку мажите на пазарот на трудот
Анализа на српските медиуми за ефектите на животот со ковид -19
Речиси седум отсто од вработените жени во Србија останале без работа или отишле на принуден одмор поради пандемијата на ковид-19 во изминатиот период. Ваквиот загрижувачки тренд кај вработените мажи во земјата изнесува речиси половина помалу, односно четири отсто. Ова меѓу другото се наведува во анализа на националната телевизија Н1, во која се користени податоци од Фондот за население на ООН и агенцијата „ООН за жените“ во Србија, во која исто така се наведува дека повеќе жени отколку мажи работеле од дома во периодов, односно 56,4 наспроти 34,1 отсто (мажи). Ова исто така е последица на доминантниот број жени во сектори како што се образованието, социјалната заштита и дел од услугите на јавната администрација во Србија.
Пандемијата на коронавирусот, како што се наведува во анализата објавена на Н1, влијаела и на зголемувањето на разликите меѓу половите во распределбата на домашните одговорности, па така жените поминувале повеќе време во извршување на домашните обврски и се грижеле за семејството.
Шефицата на „ООН за жените“ во Србија, Милана Рикановиќ, вели дека „најголемиот товар на неплатената домашна работа, грижата за децата, старите лица и за болните паѓа врз жените, додека мажите главно се фокусираат на набавки и грижа за домашните миленици, и дека оваа поделба на трудот е добро позната од порано, но пандемијата дополнително ја изложила и зајакнала.
Понатаму интересно е што во анализата на Н1 се наведува дека во пристапот до основните услуги и благосостојбата на граѓаните, речиси третина од жените и петтина од мажите го искусиле влијанието на пандемијата врз нивната психолошка благосостојба, односно претрпеле стрес и вознемиреност. Анализата исто така покажала дека помладите жени имаат поголеми шанси да се соочат со проблеми во пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје и контрацепција отколку постарите жени.
Истражувањето се осврна и на товарот врз здравствениот систем, кој се фокусира целосно на справување со одговорот на пандемијата, а жените, повеќе од мажите, пријавиле тешкотии во пристапот до здравствените услуги во периодот што измина. Родовите разлики во пристапот до здравствената заштита се особено големи во селата, каде што 30,6 отсто од жените пријавиле тешкотии во добивањето здравствената заштита, наспроти 15,8 отсто кај мажите.
Во меѓувреме, директорот на УНФПА за Србија, Џон Кенеди Мосоти, посочи дека „во време на криза, потребата за услуги за сексуално и репродуктивно здравје често се занемарува, што може да остави неверојатни последици“. Покрај тоа, жените и девојчињата може да бидат изложени на поголем ризик од насилство од нивните партнери и други форми на семејно насилство поради зголемени тензии во домаќинството за време на карантините предизвикани од пандемијата.