Покрај најавите за олеснување на мерките за дејствување на пазарите и малите продавници, кај хрватските епидемиолози постои поделеност за тоа дали е време за олеснување на мерките за спречување на епидемијата
Хрватска
Хрватските епидемиолошки мерки против коронавирусот се меѓу најригорозните во светот, кои дадоа одредени здравствени резултати, но се отвора прашањето колку долго може да се применуваат. Рестрикциите ја закочија економската активност, а прогнозите се дека падот на националниот БДП ќе биде меѓу 20 и 30 отсто. Голем број домашни компании нема да можат да исплатат плати, а постои опасност од отворање на спиралата на негативни политички и социјални последици. Иако имаше најави за олеснување на мерките за дејствување на пазарите и малите продавници, кај хрватските епидемиолози постои поделеност за тоа дали е време за олеснување на мерките за спречување на епидемијата.
Предупредување до некои земји испратија и од Светската здравствена организација, да се внимава во „попуштањето“ во сегашниот здравствен модел на изолација.
Раководителката на Клиниката за инфективни болести во Загреб, Алемка Маркотиќ, во емисија за ХРТ објасни дека кривата што го означува бројот на заразени лица во земјата почнала да се израмнува, но проблем претставувало „влегувањето“ на коронавирусот во старските домови, особено во Сплит, што го измести текот на мерките за олеснување на режимот на движење на граѓаните.
– Ова е пресвртен момент, мерките ги донесовме навремено, не смееме сега да потклекнеме. Секој ден се расправаме за интензитетот на мерките. Ќе има постепено олабавување, како што имаше и постепени рестрикции. Досега издржавме и можеме да најдеме некоја рамнотежа – изјави Маркотиќ.
Крунослав Цапак, еден од членовите на Националниот штаб на цивилната заштита, изјави дека во Хрватска не е време за ублажување на мерките за ограничено движење на граѓаните.
– Нашата намера беше да го реогранизираме работењето на пазарите, а на граѓаните да им дадеме можност да купат свежи хрватски производи. Но ако луѓето не го почитуваат тоа, ќе ја разгледаме можноста за повторно затворање на пазарите Дадовме можност да се снабдат за Велигден. Не сум сигурен дека е разумно во ова време да се олеснуваат мерките – вели Цапак.
Хрватскиот научник и искусен претприемач Гордан Лаук е уверен дека мора да се почне да се размислува за соодветно приспособување на епидемиолошките политики на потребите за одржување на стопанскиот живот во земјата.
– Хрватска е мала земја, која има блиски врски со северот на Италија. Но кога веќе епидемијата не се шири експоненцијално, потребно е сѐ повеќе да се размислува за зачувување на стопанството, со кое ни се заканува исто голема штета како и со вирусот. За жал, вирусот не го победивме, само спречивме негово ширење. Не е реално да очекуваме стабилизирање на состојбата до есен, со пронаоѓање ефикасни лекови, така што оваа пандемија ќе потрае додека не развие имунитет мнозинството население. Се надевам дека ќе успееме да примениме некој економски модел што се применува во некои земји од Далечниот Исток – вели Лаук во разговор за „Јутарњи весник“.
Според анкетата на работодавците, направена врз основа на тековната финансиска состојба на фирмите, околу 60 отсто од приватните фирми во Хрватска можат да опстанат само еден месец, без да остваруваат дополнителни приходи. Дури една третина од овие претпријатија имаат финансиски капацитет за седум дена! Тоа се околу 33 илјади компании, со 249.000 вработени, пренесува „Гласот на Славонија“. Само девет отсто од компаниите имаат финансиски резерви за покривање на трошоците од три до шест месеци.