Терминот „заробена држава“ сѐ почесто се користи од политичарите кога треба да се прикаже состојбата во земјите од Западен Балкан. Во оваа група се земјите во кои демократските и општествените процеси и промени се целосно замрени, додека институциите не се користат за доброто на граѓаните, туку за тесни и парцијални интереси. Ова е конвенционалното толкување на толку експлоатираниот термин „заробена држава“. Но која е новата димензија на оваа фраза во поширок контекст? И која е улогата на ЕУ ваквата фраза да добие нова димензија?
Терминот „заробена држава“ сѐ почесто се користи од политичарите кога треба да се прикаже состојбата во земјите од Западен Балкан. Во оваа група се земјите во кои демократските и општествените процеси и промени се целосно замрени, додека институциите не се користат за доброто на граѓаните, туку за тесни и парцијални интереси. Во основа, станува збор за „заробување“ на институциите од мала група луѓе, чиј интерес е запоседнување на безбедносните служби, кои се користат за разни видови притисоци и за неовластено прислушување на политичките противници и на припадниците на цивилното општество. Како посебен сегмент на „заробена држава“ е преземањето на судскиот систем, кој се користи за избегнување на правдата за високопозиционирани личности во власта и општеството. На ова се дополнуваат и одржувањето контролирани и полуслободни избори и примената на „клиентелистичка економија“, преку која граѓаните се држат зависни од власта, како и преку партиските вработувања во јавните претпријатија. Ова е конвенционалното толкување на толку експлоатираниот термин „заробена држава“. Но која е новата димензија на оваа фраза во поширок контекст?
Унијата „ги заробува“ државите на Балканот
Но овој пат имаме ново значење на фразата заробена држава, во смисла дека ЕУ ги заробува државите на Балканот, преку нејзината политика на непроширување на Унијата, со што овозможува реформските процеси во земјите од Западен Балкан да бидат одложени за неопределен период, а во исто време да јакнат авторитарните системи.
– Граѓаните на Западен Балкан, но и многу граѓани од Европската Унија, очекуваат во случајот со проширувањето на Унијата, институциите и членките на ЕУ да отстапат од лицемерното однесување, кое е во согласност со нивните прокламирани вредности и геополитички цели – изјави Александра Томаниќ, извршна директорка на Европскиот фонд за Балканот.
Во авторскиот текст „Проширување 2021: заробени држави, заробена Комисија“, Томаниќ заклучува дека покрај заробените држави, кои сакаат да ѝ се придружат на ЕУ, и заробените институции, исто така е заробен и процесот на проширување.
– Европската комисија не претстави прецизни податоци за корените и последиците од „заробените држави“, не понуди конкретен план за решавање на проблемот и воспоставување поголем степен на демократија, ни господарите на заробените држави не трпеа никакви последици. Напротив, моќниците во регионот продолжија да добиваат пофалби, уживаа поддршка и со нив се продолжи по старо. Во суштина, актуелниот комесар за проширување на ЕУ избегнува да ги критикува авторитарните лидери во регионот – вели Томаниќ, во текстот за „Еуроактив“.
Ваквата состојба, како што објаснува таа, не е за изненадување за некој што го следи развојот на настаните, ако се има предвид дека и самите членки на ЕУ се соочуваат со предизвиците на полето на владеење на правото. Според неа, политиката на проширување долго време беше гледана како „мека моќ“ на ЕУ.
Директорката на Европскиот фонд за Балканот посочува дека политиката на проширување на ЕУ е во длабока криза многу години и дека ниедна техничка реформа на процесот нема да помогне да се излезе од овој маѓепсан круг. Политиката на проширување во својата суштина е политички процес, а не само исполнување низа од технички чекори, а донесувањето на новите методологии не води никаде, објаснува таа.
– Имаме заробени држави што сакаат да ѝ се придружат на ЕУ, како и заробени институции на ЕУ, кои се претвораат дека водат чесен процес. Така, само добиваме заробен процес – заклучува извршната директорка на ЕФБ.
Унијата е задоволна од статус квото на Балканот
Наспроти оптимистичките изјави што беа испратени од самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој се одржа во Словенија, процесот на проширување и натаму е во криза. Поради внатрешните проблеми, ЕУ сѐ помалку посветува внимание за Западен Балкан, а сѐ повеќе се свртува кон самата себе и кон засилување на своите институции и на интеграцијата на членките, за да се натпреварува со сѐ поголемата конкуренција на светот. Примањето на новите членови во ЕУ ќе ги комплицира таквите планови на Брисел, смета Димитар Бечев, меѓународен експерт од Европскиот институт во Лондонската школа за економија.
– Изгледа, Унијата е задоволна од статус квото на Балканот, а балканските лидери сѐ повеќе се приспособуваат на тоа. Но крајот на балканските соништа за Европа нема да биде без загуби. Уште од 2003 година, кога првпат е ветено членство на Западен Балкан на самитот во Солун, многумина во регионот веруваа дека европеизацијата донесува добра власт, одговорни институции, поголем економски раст и завршување на националистичките судири. За жал, речиси 20 години подоцна регионот не е ни блиску до постигнување на овие цели. Декларацијата од Брдо зборува за приоритетите за демократија, фундаментални права и вредности и владеење на законите. Но со сѐ поголемото колебање за проширувањето и кога балканските лидери насекаде бараат алтернативи за своите држави, малку е веројатно Европа да игра значајна улога во приближување на регионот кон овие важни цели – пишува Бечев за „Ал џезира“.
Постои одговорност и кај конкретни држави од Европската Унија, вели поранешниот амбасадор на Грција во Скопје, Александрос Маљас, за грчката телевизија Скај, анализирајќи ги случувањата во Македонија и објасни дека актуелната ситуација се должи и на неуспехот на некои земји од ЕУ да дадат зелено светло за пристапни преговори.
– Се наоѓаме во фаза, која би рекол дека беше предвидлива, по неуспехот на некои земји-членки на Европската Унија да дадат зелено светло за пристапните преговори, кои беа еден од многу силните мотиви за потпишување на Договорот од Преспа и, секако, за ратификацијата од Собранието во Скопје – рече Маљас.