Четврт ден по ред насилни протести во Белград, но и во повеќе градови во Србија, наспроти забраната за собирања на повеќе од 10 луѓе на јавни места, пренесуваат српските медиуми.
Незадоволни од политичката и епидемиолошката ситуација во земјата, граѓаните излегоа на улиците во Белград, Нови Сад, Ваљево, Ниш, Лесковац, Пирот, Врање.
По 20.30 часот избија судири меѓу десничарите, припадниците на „Левијатан“ и „Образ“. Демонстрантите фрлаат камења кон полицијата, која пак се обиде со солзавец да ги растера.
Демонстрантите кршат прозори и врати на Собранието, ја пробија заштитната ограда и се качија на собраниските скали, а потоа се обидеа да упаднат во зградата на Народното собрание. Запалија и факли. Полициски кордон е распореден по целиот град.
Според информациите, уапсен е демонстрант кој на протестот пред Собраниската зграда, по караница со нож прободел 32-годишен маж.