Бугарија

Подготвени се финалните текстови од коалицискиот договор за формирање на новата бугарска влада, јавија бугарските медиуми откако на лидерската средба четирите партии Промените продолжуваат, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија постигнаа договор околу програмата. Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија, четирипартиска, што се случува првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем.
За време на викендов се очекува да биде потпишан договор за коалиција од лидерите на четирите партии. Според верзијата на договорот што ја објавуваат бугарските медиуми, идната влада ќе има четири вицепремиери. Единствено партијата на Слави Трифонов, Има таков народ, ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14 ноември Промените продолжуваат. Таа ќе има и двајца вицепремиери, кои ќе бидат и министри за финансии и ефикасно владеење.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, веќе од почетокот на следната недела се очекува да им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на Промените продолжуваат, Кирил Петков и Асен Василев, а тие имаат рок од една недела од моментот на добивање на мандатот да го приложат списокот со номинираните кандидати за идни министри.

Подготвил: Дејан Србиновски