Главната причина за тоа што во овој етнички мешан град се немаат одржано избори од 2008 година е тоа што не е постигнат компромис меѓу партиите на Бошњаците и на Хрватите
Претседателот на ХДЗ за Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, ја исклучи можноста за одржување локални избори во Мостар пред редовните што се предвидени во 2020 година. Главната причина за тоа што во овој етнички мешан град се немаат одржано избори од 2008 година е тоа што не е постигнат компромис меѓу партиите на Бошњаците и на Хрватите, односно на СДА и на ХДЗ.
Последната рунда партиски преговори трае пет месеци но сѐ уште не најдено решението за одржување на локалните избори во Мостар. Партиите останале на своите почетни позиции, иако на почетокот на преговорите биле приближени ставовите околу изборниот модел. Проблемите се јавија откако на дневен ред се најдоа измените на статутот за градот Мостар, пишуваат медиумите во БиХ.
– Бевме договорени изборниот модел да се гласа со другите прашања во еден пакет. Тоа подразбира и измена на статутот и измена на Изборниот законик, а потоа ХДЗ ја смени приказната. За жал, сега се вртиме само во круг – вели Салем Мариќ, претседател на градската организација на СДА.
Од ХДЗ имаат спротивно мислење и објаснуваат дека во Мостар нема избори затоа што не се добри изборните правила, а не затоа што не чини статутот на градот.
– Ништо не е договорено се плашам и сигурен сум дека годинава нема да се спроведат изборите. Мораме да ги чекаме следните локални избори – порача Човиќ.
Жителите на Мостар и претставниците на другите партии се огорчени од неодговорниот однос на двете водечки партии во Мостар. Од СББ тврдат дека владејачките партии свесно го опструираат целиот процес.
– Никој нема право да каже дека нема да има избори годинава. Ние веќе десет години немаме основно демократско право на глас. Тоа нема да се случи уште две години и тоа е најголемиот апсурд – вели Анел Кљако, претседател на СББ за Мостар.
Поранешниот градоначалник на Мостар вели дека граѓаните на Мостар не го заслужиле тоа.
– Со години трае фарсата што се нарекува преговори околу решавањето на проблемот што ни ХДЗ ни СДА нема да го решат, затоа што меѓународната заедница им го подари градот на две личности и на две партии, кои управуваат со градската самоуправа – вели Сафет Оручевиќ.
На постигнување компромис апелираше и американскиот сенатор Роџер Викер, при посетата на БиХ, и им препорача на партиските лидери да ги остават разликите настрана и да работат во интерес на жителите на Мостар.