Белград е шокиран од нереагирањето на Европската Унија на одбивањето на Приштина да го спроведе Бриселскиот договор, рече српскиот претседател Александар Вучиќ по посетата в болница на рускиот дипломат Михаил Красночеков, кој беше повреден во Косово, пренесува ТАСС.
-Шокирани сме што ЕУ нема реакција на изјавата на Хашим Тачи, во која тој рече дека Приштина нема да се придржува кон Бриселскиот договор. Тие треба да ни кажат дали овие договори сè уште се во сила. Чекавме 24 часа, но ништо се случи- рече Вучиќ.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, претходно изјави дека нема да дозволи во регионот да биде формирана Заедницата на српски општини како што е предвидено со Бриселскиот договор. Според него, ситуацијата е променета и тој не може да дозволи тоа да се случи во замена за олеснување на визните ограничувања со ЕУ.
Тачи додаде дека ако се создаде Заедница на српски општини, ќе се појави втората Република Српска.
Формирањето на Заедницата на српските општини е камен-темелник на Бриселскиот договор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, потпишан на 19 април 2013 година. Документот од 15 ставки претежно ги опфаќа прашањата што се однесуваат на надлежностите на српските општини во северно Косово. Во него се вели дека Заедницата ќе биде самоуправувачка асоцијација на косовски општини со најголем број српски населби.
Според српскиот претседател, Белград ги спровел своите обврски според договорот, додека Косово почна да изготвува повелба за Заедницата на српските општини пет години по потпишувањето на документот, но подоцна ја прекина работата.