Европската претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини денеска оцени дека претстојниот самит на Европската унија и земјите од Западниот Балкан во Софија ќе биде исклучително важен, јави бугарската новинска агенција БТА.
– Средбата ќе биде показател дека ЕУ и нашите партнери од Западен Балкан не споделуваат само географска област туку и заеднички цели. Целиот регион има европска ориентација. Гледаме колку е Западниот Балкан блиску поврзан со Европа и сметам дека во интерес на западниот Балкан, но и на целата ЕУ, е да работиме врз база на доверба и тие да имаат надеж за европска перспектива – изјави Могерини на денешната неформална средба на министрите за одбрана на ЕУ која ја организираше бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Самитот меѓу ЕУ и балканските земји ќе се одржи на 15 мај во Софија. Бугарија во моментов претседава со Европскиот совет.
За време на самитот, Могерини, Каракачанов и другите министри разговарале за Постојаното структурно партнерство во одбраната – ПЕСКО – проект на ЕУ за подобро координирање на европските безбедносни сили и создавање на европски одбранбени механизми. Могерини рече дека ПЕСКО води кон подобра соработка меѓу ЕУ и НАТО што ќе овозможи полесно распоредување на одбранбените сили во рамните на ЕУ и надвор од неа.