Лидерот на конзервативната десница Нова демократија (НД) во Грција, Кирјакос Мицотакис, денес ја положи заклетвата како нов грчки премиер. Тој ја положи заклетвата во присуство на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, пренесе агенцијата „АНА“. Составот на новата влада вечерва ќе биде познат.
Конзервативната НД победи на вчерашните предвремени парламентарни избори во Грција, поразувајќи ја владејачката СИРИЗА на досегашниот премиер Алексис Ципрас.
По пребројувањето на поголемиот дел од гласовите, НД освои широко мнозинство во парламентот, односно 158 од вкупно 300 пратенички места, а СИРИЗА 86.
Мицотакис синоќа вети дека ќе работи напорно и ќе ги застапува сите Грци.
– Премногу сме малку за да може да си дозволиме да останеме поделени – рече Мицотакис, а пренесе „Катимерини“.
Новиот премиер потенцираше дека добил силен мандат кој ќе му помогне да ја промени Грција и да спроведе програма за намалување на даноците, да се создадат работни места и да се привлечат дополнителни инвестиции, објави „Ројтерс“.
– Нашето општество испрати јасна порака во корист на растот, создавањето работни места и безбедност – изјави Мицотакис.