По добивањето на предупредување од Република Српска дека кон Босна и Херцеговина се приближуваат околу 120.000 мигранти, хрватската полиција се крена на нозе. Се бара начин како да се одбрани границата.
Имено, БиХ е само на патот на мигрантите, кои бегајќи од своите земји зафатени со војна, сакаат да стигнат до земјите од Европската унија. Една од рутите на нивното движење е и БиХ, преку која тие влегуваат во Хрватска, а потоа и во најблискиот дел на Словенија.
-Поради новиот прилив на мигранти, на нозе се кренати седум полициски управи кои се протегаат на границата со БиХ. Добиен е и налог да се спроведува посилна контрола на државната граница- пренесува „Јутарњи лист“, посочувајќи дека на единиците ќе им биде испорачана и дополнителна опрема.
Се набљудува ситуацијата и во БиХ, од каде има предупредување дека се приближуваат 120.000 мигранти.
Според „Јутарњи“ до овој момент не е забележано дека има масовен обид за влез од страна на БиХ, но се претпоставува дека мигрантите го испитуваат теренот, каде може најлесно да се премине границата.
-Ако најдат слаба точка, ќе се соочиме со стотици мигранти кои ќе се обидат да ја пробијат границата- тврди полициски службеник запознаен со целата состојба.
Весникот објаснува дека овој најнов бран на мигранти доаѓа, откако е затворена некогашната балканска рута преку Македонија, Србија и Хрватска.
Според официјалните изјави на претставниците на словенечката полиција, притисокот врз оваа рута е исклучително висок, а во областа меѓу Грција и Албанија во овој момент се наоѓаат помеѓу 50.000 и 60.000 мигранти чија единствена цел е да стигнат до Западна Европа.
Во Сараево е веќе хаос, пишува весникот, додавајќи дека околу 100 мигранти секојдневно влегуваат во земјата од Сирија, Либија, Авганистан, Палестина, Пакистан, Алжир, Мароко, Ирак, Турција, Иран, Тунис и други земји. Во Сараево, мигрантите во центарот на градот изградија илегална шаторска населба бидејќи локалните власти не знаат како да го решат проблемот со нивното сместување.
За тоа време хрватската влада молчи, истакнува весникот и потсетува дека после состанокот на земјите од Вишеградската група одржана во петокот во Грција, во Хрватска само се спомнало дека се зборувало за мигрантите, додека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека тој проблем бил една од главните теми.
Покрај тоа, Сијарто истакнал дека јужната и југоисточната граница на ЕУ е отворена и беспомошна како и пред три години.
-Ако новиот бран на мигранти продолжи, тоа ќе биде сериозна закана за Европа- посочил Сијарто.
Меѓутоа, крајот на проблемите за Хрватска не е тука, бидејќи се очекува да има уште еден бран на мигранти, но оние кои ќе бидат депортирани од Австрија.