Еден од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија и претседател на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац ги повика граѓаните кои учествуваа во протестите во повеќе од 100 градови низ Србија да дојдат утре во Белград, аплирајќи мирно да го изразат своето незадоволство од, како што рече тој, режимот на Српската напредна партија на Александар Вучиќ, јавува МИА.
Лутовац на прес-конференција најави дека утре на протестот во Белград на граѓаните ќе им бидат прочитани барањата на опозицијата и на незадоволните граѓани, а говорници ќе бидат лидерите на опозицијата и јавни личности.
Тој додаде дека апелира до граѓаните да не потпаѓаат под провокации и истакна дека протестот треба да се одржи мирно и ненасилно.
На новинарско прашање дали лидерите на опозицијата планираат штрајк со глад, како што тврдат претставниците на партиите на власт, Лутовац рече дека опозицијата тоа го нема најавено, исто како и упаѓањето на Собранието на Србија, за да мора тие да го бранат.
– Ова е претстава за луѓето и обид да се сврти вниманието од суштината – рече Лутовац, одговарајќи на денешната прес-конференција на првиот спикер Маја Гојковиќ, која повика на „одбрана на Собранието“ и најаваите и демантите на штрајк со глад на министерот за одбрана Александар Вулин и пратениците на СНС.
Претседателот на Новата партија (НС), Зоран Живковиќ побара од новинарите да проверат „зошто е дојдена наредба кујната во Собранието да работи цела ноќ“.