Откако актерката Мирјана Карановиќ одби да игра во претставата со српскиот актер Бранислав Лечиќ, кого колешката Данијела Штајнфелд го обвини за силување, актерите на Драмскиот театар во Белград одбија да соработуваат со актерот во претставата „Кога цветаа тиквите“.
Лечиќ сподели порака што му дошла од БДП, а која наводно гласи „почитуван Леко, Југ се обиде да те добие, но веројатно си во гужва. Имаме непријатна ситуација затоа што денес, на иницијатива на актерскиот ансамбл, 17 од нив потпишаа петиција дека не сакаат да играш во претставата „ Кога цветаат тиквите“ додека не се смири ситуацијата. 14 беа воздржани. Жал ни е за сè…“.
Лечиќ на неговиот инстаграм-профил јавно упати одговор до Драмскиот театар.
– Од оние кои им судат на луѓето и на ваквите настани и обвинувања, преку медиумите без право на мој глас и моја вистина, никогаш повеќе немам што да барам! Заборавете на нашата соработка и кажете им на тие актери дека ни такви актери ни такви луѓе воопшто не ме интересираат. Без оглед на нивната возраст, тие не знаат што е закон, ниту правда. Нека ме избегнуваат во широк лак! Вистината ќе победи! – Рече Лечиќ.
Од театарот се огласија со соопштение во врска со Лечиќ.
– Драмски театар од Белград ја известува јавноста дека на барање на поголем дел од ансамблот на претставата „ Кога тиквите цветаат“, актерот Бранислав Лечиќ е исклучен од претстојните настапи на претставата, заради сегашната ситуација – се наведува во соопштението.
Тие изјавија дека сметаат оти, поради сложеноста на сите настани, овој случај е исклучиво во рацете на надлежните институции и дека повеќе нема да коментираат на оваа тема.
Лечиќ се повлече од чело на движењето на Демократите на Србија
Српскиот актер Бранислав Лечиќ објави дека, поради аферата во која актерката Даниела Штајнфелд го обвини за силување, се повлекува од чело на движењето на Демократите на Србија.
– Со цел оваа борба за вистината да не им наштети на сите оние со кои учествувам во борбата против овој злобен режим, се повлекувам од чело на движењето на Демократите на Србија – рече Лечиќ во писмената изјава.
„Ова е моја лична борба за одбрана на мојот интегритет, име и професионална репутација и не сакам да ги оптоварувам сите оние кои се искрени борци за нормална, слободна и демократска Србија“, потенцира Лечиќ.