Фалсификувани ПЦР-тестови се нудат на социјалните мрежи за граѓаните од Балканот, а криминалните групи ги проширија своите активности и во илегалната трговија со медикаменти против ковид-19
Криминалните групи од регионот се приспособија на пандемијата и продолжија со соработката во трговијата со наркотици, а своите активности ги проширија и со илегална трговија со медикаменти што се потребни за лекување од ковид-19, но и со фалсификување ПЦР-тестови. На граѓаните од Балканот, кои сакаат непречено да ги преминат европските граници, им се нудат огласи на социјалните мрежи за купување негативни ПЦР-тестови за присуство на коронавирус. Овие медицински потврди се нудат во приватни и во јавни групи. На еден таков оглас цената за еден тест изнесува 30 евра. Пограничните служби во Србија, Босна и Херцеговина и во Македонија открија повеќе случаи на обиди за преминување на границите со лажни тестови за коронавирус.
Бојан Елек, истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика, која ги следи активностите на институциите во секторот за безбедност, вели дека организираните криминални групи се пофлексибилни од безбедносните служби во регионот.
– Наспроти ограничувањето на движењето на луѓето, има висок скок на високотехнолошкиот криминал. Сите видови онлајн измами, кражба на лични идентитети и слично се во пораст. Како што луѓето, поради изолацијата, се преселија на виртуелната сфера, така се пресели и криминалот – вели Елек, за Радио Слободна Европа.
Во Србија во Обвинителството за организиран криминал во изминатата година биле процесирани предмети против 12 лица, кои биле дел од криминалните групи поради изработување лажни ПЦР-тестови. Кај шест припадници на организираната група биле пронајдени 16 фалсификувани тестови. Сите осомничени лица биле осудени за фалсификување документи. Втората постапка против други шест лица сѐ уште е во тек.
Граничната полиција на Босна и Херцеговина соопшти дека од септември 2020 до 31 март 2021 откри околу 80 теста за коронавирус, за кои постои сомневање дека се фалсификувани. Најмногу фалсификувани медицински потврди се најдени кај турски државјани, од Кина, Македонија, Германија и од Словенија.
Во изминатите неколку месеци, македонската полиција откри 50 фалсификувани ПЦР-тестови на граничниот премин кон Бугарија, 30 на граничниот премин Блаце кон Косово, а неколку на преминот Табановце кон Србија. Последниот случај се однесува на двајца македонски државјани, кои сакале да ја напуштат земјата со авион, иако Државниот санитарен и здравствен инспекторат со решение им определил изолација и лекување во домашни услови бидејќи биле заболени од ковид-19. Јавното обвинителство во Скопје предложи казна од три илјади евра за непочитување на здравствените протоколи.
Истражувачот од Белградскиот центар за безбедносни политики, Бојан Елек, како главен проблем во борбата против организираниот криминал на просторот на Западен Балкан ја гледа политизацијата на безбедносниот сектор, односно селективниот пристап на полицијата.
– Соработката е клучна во борбата против организираниот криминал, бидејќи на Западен Балкан криминалните групи имаат добра соработка и секој проблем во комуникацијата меѓу полицијата, обвинителството и судовите во регионот им ја олеснува работата на криминалните групи – вели Елек, во изјава за РСЕ
Дополнителен проблем преставува отсуството на соработка меѓу Србија и Косово на планот на спречување на организираниот криминал.