Наводниот раст на грчката економија не може да се почувствува во секојдневниот живот на граѓаните, кои не веруваат во оптимистичките прогнози на владата на Ципрас
Граѓаните на Грција не ги чувствуваат придобивките по официјалното излегување од финансиската криза, што пред шест месеци го објави премиерот Алексис Ципрас. Многу луѓе се разочарани од политиката на грчката влада предводена од СИРИЗА, која по победата на изборите во 2015 година вети праведна држава. Народот имаше големи очекувања дека левичарскиот премиер ќе се фокусира на социјалните прашања и ќе успее еднаш засекогаш да ја реформира корумпираната и трома грчка администрација. Засега, тој е ставен во ќош и го очекуваат избори во октомври. Доколку Ципрас опстои со малцинската влада, прашање е колку Грците ќе му искажат доверба за нов мандат, пишува „Дојче веле“.
Јанис Пападопулос, работел како хигиеничар во едно училиште и заработувал 560 евра, а потоа заминал во Германија каде што престојувал 35 години. Пред десет години се вратил во Грција.
– Состојбата не се подобри ни за времето на Ципрас. Сите влади сакаат да добијат време. Моето враќање во земјата не го замислував вака. Соседите пребаруваа по ѓубрето за да состават крај со крај. Ни денес не гледам знаци дека кризата поминува. Бројките што се сервираат од Атина не се импресивни. Државата им должи на граѓаните милијарди евра. Сега велат дека се во суфицит. Каде се тие пари? – се прашува Пападопулос.
Стапката на невработеност се намалила на хартија, од 27,5 отсто во 2013 година на сегашните 18,6 отсто, но таа сѐ уште е најголема во земјите од Европа. Невработеноста кај младите се намалила од 50 на 36,6 отсто. Меѓутоа, наводниот раст не може да се почувствува во секојдневниот живот. Кај граѓаните има сѐ поголема недоверба за оптимистичките прогнози во економијата, пишува „Дојче веле“.
Професорот по економија на Универзитетот во Солун, Никос Варселакис, има објаснување за песимизмот на своите сограѓани.
– Грчкиот народ не би требало да поверува дека сега ќе дојде до брз економски раст. Тоа ќе трае многу долго. Ќе биде потребно овде да се отворат нови претпријатија. Но тоа не се случува – објаснува Варселакис.
Токму на планот на производството и натаму се случуваат сериозни проблеми, бидејќи во периодот на кризата многу фирми беа затворени или тие ги преселија своите бизниси во други земји. Работоспособните луѓе масовно ја напуштаат земјата.
Професорот Варселакис проценува дека штетата од намалувањето на производството изнесува меѓу 80 и 100 милијарди евра. Само пропаѓањето на градежниот сектор во Грција, значеше загуба од 500 илјади работни места. Индустрискиот сектор, кој има големо значење за економската стабилност на земјата, како и прехранбената индустрија и металургијата, исто така бележат опаѓање.
Едно работно место во индустријата создава десет работни места во другите области.
Сметам дека е многу важно кога ЕУ сака да го зголеми уделот на индустријата во БДП на 20 отсто. Во Грција сега тоа ниво е на девет отсто, што е премалку за да се надомести огромното заостанување во изминатите години – се констатира во анализата на „Дојче веле“.
Малите бизниси во Грција се соочуваат со високи даноци, поради што една жена, како што вели, морала да го затвори фитнес-студио. Луѓето не можеле повеќе да плаќаат за рекетирање. Сега семејството го издржува со приватен бизнис и вели дека од едно заработено евро на крајот ѝ остануваат 30 центи.
Економистот Никос Варселакис објаснува дека големите расходи на претпријатијата не се должат само на високите даноци и здравственото осигурување, туку и на високата цена на електричната енергија. Грција се соочува со структурални проблеми, а грчката држава треба целосно да се постави одново. Но главното прашање е, како што вели професорот, каква држава сакаат граѓаните.