На подрачјето на Балканот се распламтува ново надмудрување на големите сили, овој пат и во поглед на изградбата на нуклеарни централи, за што дополнително се усложнуваат проблемите во кои се наоѓаат овие држави. Во време кога Европа и светот се соочуваат со нова енергетска криза, земјите од регионот се соочени со неизвесна енергетска иднина и неможност да инвестираат во заеднички нуклеарни централи поради глобалните политички односи
Преминувањето на нови извори на енергија е условено од надворешнополитичките односи меѓу Европската Унија, САД и Русија
Обезбедувањето енергетска сигурност и покривањето на потребите за струја на земјите од Западен Балкан се во директна зависност од глобалните интереси на големите економски сили во светот. Покрај недоволните домашни инвестиции во енергетскиот сектор во земјите од регионот, за што е потребна и надворешна финансиска помош, преминувањето на нови извори на енергија е условено и од актуелните надворешнополитички односи меѓу Европската Унија, САД и Русија. На жителите на Европа и на Балканот им е позната состојбата од пред десетина години, кога во текот на зимските месеци беше прекината испораката на природен гас од руските наоѓалишта, поради нарушените односи меѓу државното раководство во Москва и Украина. Тогаш во незавидна положба се најдоа и големите потрошувачи на природен гас во Македонија, кои мораше да се преориентираат на алтернативните, но и на поскапи видови енергија.
Во време кога Европа и светот се соочуваат со нова енергетска криза, која се манифестира со секојдневно поскапување на фосилните горива и недостиг од електрична енергија, земјите од регионот се соочени со неизвесна енергетска иднина. За преминување на нови алтернативни извори се потребни огромни финансиски средства, кадровски потенцијал и, секако, природни ресурси, кои балканските земји ги немаат или ги имаат во ограничени количества. Некои од земјите во регионот излезот го бараат во заедничко инвестирање со соседните земји во нови енергетски капацитети, за чија реализација постојат многу надворешнополитички блокади.
По нуклеарната катастрофа во Чернобил и по дводеценискиот мораториум на изградбата на нуклеарни централи, официјалните органи во Србија ја враќаат опцијата за производството на овој вид енергија.
Претседателот на државата Александар Вучиќ овој месец најави дека Србија е подготвена за биде малцински сопственик во изградбата на третиот блок во нуклеарната централа „Пакш“ во Унгарија, за што веќе било разговарано и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Нуклеарната централа „Пакш“ е активна од 1982 година, а моментално работи со четири реактори од советско производство, со моќност од 500 МВ, и обезбедува половина од домашното производство на електрична енергија во Унгарија. Животниот век на реакторите е до 2030 година, со можност за продолжување од десет години. Во договор со државната корпорација на Русија за атомска енергија (РОСАТОМ) ќе бидат изградени два реактора од 1.200 МВ, во вредност од околу 12 милијарди евра. Проектот финансиски е покриен со кредити од Русија, во износ од 10 милијарди евра, а другиот дел ќе го обезбеди Унгарија. Овој договор предизвика сериозна вознемиреност во земјата, која е членка на ЕУ, поради нераспишувањето тендер, а клучното прашање е исплатливоста на овој проект. Процените покажуваат дека новиот нуклеарен блок се исплатува доколку цената на електричната енергија е двапати повисока во однос на цените во претходниот период на експлоатација. Дополнителен фактор се заштитата на животната средина и безбедноста, која се однесува и на фрлањето на нуклеарниот отпад.
Директорот на јавното комунално претпријатие „Белградски електрани“, Раде Баста, во разговор за Радио Слободна Европа, се залага за укинувањето на мораториумот за изградба на нуклеарни централи во Србија.
– На подрачјето на Балканот се распламтува ново надмудрување на големите сили, овој пат и во поглед на изградбата на нуклеарни централи, за што дополнително се усложнуваат проблемите во кои се наоѓаат овие држави. Сметам дека присуството на Руската Федерација во српскиот енергетски сектор е многу големо, а поради потребниот баланс, но и во согласност со политиката за неутралност во меѓународните односи, да се повикаат американските и европските компании да учествуваат во еден таков проект, што ќе ѝ обезбеди енергетска безбедност и стабилност на Србија – нагласува Баста.
Србија и земјите од регионот се целосна зависни од рускиот гас, а податоците на Енергетската заедница, која е регулаторно тело на ЕУ, покажуваат дека со новиот приклучок на гасоводот на Турски тек, зависноста од Русија се зголемила.
– Руските фирми успеаја да се пробијат на енергетскиот пазар и да стекнат влијание или контрола над снабдувањето со струјата, преку рафинериите и продажбата на бензин, со мнозинското учество во српски енергетски компании, но и преку проектот за изградба на нуклеарна централа – објаснува Баста.
Србија, Босна и Херцеговина и Македонија производството на домашна електрична енергија го базираат на користењето на јагленот во термоцентралите. Овие земји со потпишувањето на зелената агенда за Западен Балкан се обврзаа на постепена транзиција на обновливи извори на енергија. Македонија, која се соочува со недостиг од резерви на јаглен, е принудена да бара дополнителни количества од увоз, што го прави снабдувањето со електрична енергија неизвесно. Минатата година, нашата држава привремено се откажа од инвестирање во бугарската нуклеарна централа „Белене“ и своите енергетски планови ги насочува кон грчката гасна електроцентрала во Александрополис. Имено, во грчката електроцентрала во Александрополис нашата влада гледа побрзи можности за реализација, односно во поскоро време да протече енергија, отколку од бугарскиот проект за нуклеарната централа „Белене“.
Но иако временските рамки за реализацијата на проектот со гасната централа се оценети како пократки и побрзи, тоа воопшто не значи дека енергијата од гасната електроцентрала е поевтина и поисплатлива за македонската економија. Напротив, експертите подвлекуваат дека Македонија би можела двапати да плаќа: прво, по основа на поскапата цена на течниот гас и, второ, по основа на емисија на јаглерод диоксид, што со согорување на течниот гас се ослободува многукратно повеќе, од на пример користењето на обичниот гас како енергент, или пак од нуклеарните централи. Сепак, итноста на потребите за енергија била пресудна и фокусот на официјалните власти бил пренасочен во инвестиција во гасна електроцентрала во близината на гасниот терминал во Александрополис, Република Грција.
– Привремено се откажуваме од планираната инвестиција во нуклеарната централа во Белене, Република Бугарија, и се насочуваме кон можноста да инвестираме во гасна електроцентрала во близината на гасниот терминал во Александрополис, Република Грција, електроцентрала со инсталирана моќност до 800 мегавати во која нашата држава преку АД ЕСМ би имала сопственост од 25 проценти и до 200 мегавати, со што значително ќе се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно производство на електрична енергија – изјави тогаш генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Од Владата објаснија дека остануваат отворени, во иднина, да го продолжат учеството и во други регионални соработки на полето на енергетиката, што не го исклучува и Белене. Но исто така е значајно да се напомене дека од бугарска страна досега неколкупати имало најави и одложувања, но нема никаква најава за почеток за нуклеарната централа во Белене.